Горјан Јовановски со Зелен институт и ДИЖС работат на е-мапа со потенцијални загадувачи

Индустриски инсталации и објекти кои работат со А и Б интегрирани еколошки дозволи, како и со елаборати за животна средина, заедно со името на фирмата, дејноста и горивото што го користат при производството, се поставени на е-мапа која денеска беше презентирана на онлајн конференција на Зелениот институт.

Мапата со потенцијални загадувачи засега е во пилот-верзија. Се изработува преку Зелен институт во соработка со Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), со поддршка на холандската фондација Биро де Хелинг.

Според Лилјана Поповска од Зелен институт, со мапата конечно ќе падне, како што рече, илузијата дека во Македонија загадуваат само домаќинствата, а индустријата е „извонредна, стандардизирана и еколошки прилагодлива“.

„Конечно треба да и погледнеме на вистината во очи и да си признаеме дека индустријата многу каска со еколошки пристап. Секако, има позитивни примери, има индустриски капацитети и инсталации што внимаваат на екологијата. Меѓутоа, има огромен број капаците, според дозволите – дозволено им е да работат онака како што им е полесно и поевтино, а поскапо за животот и здравјето на граѓаните. Од друга страна, има инсталации што имаат добри дозволи и елаборати, соодветно напишани, но не се придржуваат до нив и инспекторите ги заобиколувале, не ги пронаоѓале итн“, вели таа.

Исто така, нагласува таа, има голем број инсталации без никакви дозволи и елаборати.

„Во овој краток период откако Ана Петровска ги презеде работите во ДИЖС, се покажаа и такви субјекти, практично диви инсталации кои не постојат никаде“, нагласи Поповска.

Во тимот за мапата е ангажиран и информатичарот и активист Горјан Јовановски, креаторот на „МојВоздух“. При обработка на сите документи, вели тој, нашле и доста утки.

„Работиме напорно да ги отстраниме утките, внесени во самите документи. Поентата е да претставиме дека имало грешка при внесување на информациите. Дел од нив, кога ги мапиравме, мислам дека ЈП ‘Улици и патишта’ – ги најдовме дека биде мапирани во Русија?! Верувам, тоа е малку подалеку од нивните канцеларии“, нагласи Јовановски.

Тој објаснува дека на екранот на апликацијата, засега, се внесени податоци со А и Б интегрирани дозволи во Скопје. Стартуваат со главниот град, прво него го обработуваат, а потоа ќе се шират и нив цела Македонија.

„Со притиснување на одредена инсталација, се добиваат информации – името на правното лице, адреса, општина, дејност, вид на дозвола, нејзин архивски број и година на издавање, проектиран капацитет. За дел од тие што имаме информација, ќе го има и типот на горивото. Пример, природен гас (што го користат н.з.) за време на работата“, објаснува Јовановски.

Од страна на мапата има и помошни филтри, секции, кои ќе помагаат за подобро разбирање на податоците. Дали било тоа пребарување по општина, за да се лоцираат инсталации во Карпош, или друга општина.

„Потоа, филтер (пребарување) на податоци по дејност, за да видиме кои се пример во месна индустрија, преработка на масло… Листата ќе се зголемува“, вели тој, додавајќи дека на самата мапа ќе има и слајдер, вид на тајмлајн, со цел да се разбере „како се појавуваат или ги снемува правните субјекти со добиените дозволи“.

Сајтот ќе биде поврзан со постоечки проект на „Скопје Лаб“. Тие работат на систем за директно пријавување на загадувачи. Со притискање на копче „Пријави“ – се појавува формулар, за да може пријавата да отиде до Државиот инспекторат.

„Оваа апликација се отвора и на мобилен телефон, за да пријавите и додека сте надвор. Верувам дека ова е прв пат да ги дигитализираме сите вакви податоци, кои, за жал, досега живееја на хартија, во пишана форма. Сега конечно компјутерски ќе можеме да видиме што и како се случува“, потенцира Јовановски.

Инжинерот металург, Зоран Зориќ, кој е ангажиран за предглед на податоците и техничките спецификации на потенцијалните загадувачи, вели дека А и Б дозволите, заедно со елаборатите, се документи со висока важност. Ги нарекува „пасоши“ за заштита на животната средина. Тие се со важност од седум години.

„Очигледно е дека се работи за документи кои, со текот на времето, изгубиле од својата важност, од стандардизацијата на податоците. Така да, во голем број од самите дозволи наидовме на различно претставување на координати на инсталациите, дури и недостаток на податоци за горива кои ги користат (при производниот процес н.з), во однос на моќноста на горилниците и котлите…“, забележува Зориќ.

Според него, мапата е одлична работа, а лично го радува дека, на некој начин, ќе отвори и ревизија и стандардизација на овие документи, витално значајни за самите институции.

„Само како илустрација. Ако земеме дека скопскиот регион има 17 општини. Пример Илинден, има 40 документи од А и Б интегрирани дозволи и елаборати, па, доаѓаме до некоја бројка над 2.000 правни субјекти што поседуваат документи. На некој начин, имаат сопствено влијание кон животната средина – воздух, вода и почва“, нагласува тој.

Констатира дека ги очекува голема работа, па наскоро Македонија ќе има мапа што ќе ја користат и граѓаните, институциите, но и самите инсталации, кои ќе увидат дека треба да работат како што треба.

Ана Петровска, новата директорка на ДИЖС, дополнува дека кога започнала да раководи со инспекторите, се соочиле со недостиг на систематизирани податоци за загадувачите на Градот Скопје. А, уште повеќе со недостиг на нивна физичка локација.

„Всушност, тие загадувачи се концентрирани во повеќе индустриски зони. И, ние ја споделуваме надлежноста за мониторирање, за инспекторирање со Инспекторатот на Град Скопје и инспекторите од општините“, вели таа.

За мапата, потенцира Петровска, таа е производ на потребите, од една страна, физички да се лоцираат инсталациите и планираат редовни и вонредни надзори. Истовремено, граѓаните да пријавуваат одредени инциденти, врз основа на картата.

Мапата е неофицијална, не потекнува од законски задолженија. Оттука, Петровска најави дека ќе разгледаат дали во други земји има законско решение со кое институциите имаат обврска да ги мапираат загадувачите во ГПС-формат. Со тоа, и кај нас да се развива преку нов или измена на постоечки закон.

„Ова е еден почеток и, еднаш кога ќе биде готова, заедно со алатката за пријавување, на граѓаните да им покажеме како да ја користат соодветно, за да ни даваат подобри насоки за реакција. Од друга страна, нашите инспекторски служби да си ги организираат своите тимови. И да бидеме навремено на терен кога ќе биде неопходно“, вели Петровска.

Во дискустијата, дел од говорниците побараа одговорност за институциите што ги згрешиле досегашните податоци. Побараа, ако има можност, да бидат внесени и извештаи од извршени надзори на конкретна инсталација, но да биде проширена можеби и со локации на депонии.

Бојан Шашевски