Gorillaz најавија нов албум со мултимедијална приказна на Инстаграм и Твитер

Gorillaz го најавија најновиот албум преку авантурите на нивната анимирана гитаристка преку мултимедијалната приказна „Книгата за Нудл“ на Инстаграм и Твитер. Приказната почнува денови по нападот на Plastic Beach – поим од истоимениот албум на групата во 2010 година, и ја следи Нудл која се обидува да го порази злобниот Мазу, кој има моќ да менува облици.

Приказната е претставена во 10 поглавја со необична визуелизација. Завршува со тоа што Нудл ја отсекува главата на Мазу. Откако ќе избега од неговите телохранители, таа се спакува себеси во кутија на FedEx со исушена риба, флаширана вода и копија од „Моби Дик“.

Во април, уметникот на групата Џејми Хјулит објави инстаграм видеа кои го прикажуваат него и Дејмон Албарн во музичко студио. Хјулит претходно најави дека следниот албум на Gorillaz треба да биде готов во 2016 година. Во август, хип-хоп триото De La Soul соопшти дека заедно со Snoop Dogg треба да се појават во престојниот албум.