Google News Lab со работилница на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје

Даниел Жонса, предавач на Google News Lab за подрачјето на Централна и Источна Европа ќе одржи работилница на второто издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје.

Учесниците ќе може да научат дел од тајните за поуспешно известување со онлајн-алатки, а Жонса ќе ги сподели најдобрите искуства и примери од светот.

Работилницата ќе се одржи на 27 октомври во кино Култура. Таа е бесплатна и отворена за новинарите, луѓето кои работат во областа на медиумите, како и пошироката публика, но со претходна најава на следниот линк.

Пред да се приклучи на тимот на Google News Lab, Жонса работел во повеќе редакции во Полска, Велика Британија и кратко во Белгија.

До неодамна работел како репортер во HFMWeek во Лондон. Непосредно пред тоа бил дел од Citywire, каде го предводел проектот Global WOW („Кој што поседува“), кој беше сериозен кандидат за добивање на наградата Data Journalism Awards 2016 во категоријата „отворени податоци“. Работел и во најголемиот полски бизнис-дневен весник, Dziennik Gazeta Prawna како заменик уредник.

Жонса има магистрирано финансиско новинарство на Лондонскиот Универзитет и на Вишеградската школа за политички студии на Советот на Европа, интернационална програма осмислена да ги обучи идните лидери за Централна и Источна Европа.

„Како независните медиуми може да постигнат успех со кампања за јавно финансирање (crowd-funding)“ е насловот на уште една работилница што истиот ден ќе биде организиран, во 13.30 часот.

Гостин ќе биде Ивор Фука, основачот на „Лупига“, еден од најстарите независни медиумски портали во Хрватска. Порталот годинава побара од своите читатели да им помогнат за да продолжат со својата независна работа. Фука ќе ја сподели успешната приказна за нивната кампања за јавно финансирање и за импресивната поддршка на нивната посветена публика преку која собраа 42.186 долари.

Провокативна тема за размислување ќе понуди и тимот на дигиталниот медиум „ВидиВака“, кои на 26 октомври (12:30 часот) ќе одржи презентација и работилница на тема „Како да ја ‘продадеш’ твојата приказна со помош на едноминутно видео“. 

Мите Кузевски, еден од основачите на „ВидиВака“, ќе го претстави моделот на работа на овој медиум, чии видеа пласирани на социјалните мрежи се особено популарни кај нас.

Истражувачкиот филмски фестивал во Скопје годинава се одржува од 25 до 27 октомври. Организатор е Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА, во соработка со Фридрих-Еберт Штифтунг – Скопје.