Google ќе пренесува 5G интернет преку дронови со соларно напојување

Со експерименталниот проект SkyBender на Google, соларни дронови ќе треба да доставуваат 5G интернет до корисниците.

Во проектот се вклучени неколку прототипи на приемници и дронови, кои се засега сместени во Gateway to Space терминалот на Virgin Galactic во Њу Мексико.

SkyBender работи со милиметарски трансмисии на радио бранови, кои „теоретски можат да пренесуваат неколку гигабити во секунда, што е 40 пати повеќе од денешните 4G LTE системи, пренесува Mashable.

Jacques Rudell, професор по електроинженерство на Универзитетот на Вашингтон во Сиетл, вели дека предноста на оваа технологија е што „на постоечкиот спектар на мобилните телефони има премногу гужва“. Сепак, трансмисиите на милиметарски бранови имаат помал домет од тој на сигналот на мобилните телефони, а тоа е една од нештата кои треба да се поправат после експерименталната фаза.

За проектот SkyBender ќе се користи „опционално пилотирано“ летало наречено Centaur, како и дронови напојувани на соларна енергија изработени од Google Titan. Компанијата ќе започне со тестирање во јули 2016.