Google има ново лого, прва поголема промена во последните 16 години

Новото лого е првата поголема интервенција што компанијата ја направила врз изгледот на брендот во последните 16 години. Логото ќе ја задржи карактеристичната секвенца на бои, сина, црвена, жолта, сина, зелена и црвена, но го промени фонтот со кој се напишани буквите.

Ова лого е поедноставно, посовремено и попријателски настроено, и е визуелно поврзано со Alphabet, новата холдинг компанија на Google. За сегашното лого е употребен фонтот Product Sans.

Меѓутоа, реконструирањето на брендот на Google не е само менувањето на изгледот на името. Може да се забележи и икона за микрофон дизајнирана за да појасни дека се работи и на говорната интеракција.

„Не е првпат да го смениме нашиот изглед, а веројатно нема да биде ни последен, но сметаме дека новото ажурирање е одличен одраз на сите начини на кои Google функционира за вас преку Search, Maps, Gmail, Chrome и други. Сметаме дека го постигнавме најдоброто од Google и го преформулиравме не само за сегашниот Google, туку и за во иднина“, пишува на официјалниот блог на компанијата.