Големи предизвици за новите медиуми во Македонија

Онлајн новинарството и новите медиуми во земјава се соочуваат со голем број на предизвици за опстанок и развој. Финансиската одржливост како и зголемување на професионалните и етички стандарди при известувањето, се едни од главните проблеми во моментов, сметаат голем дел од познавачите кои учествуваа на конференцијјата за одржливоста на новите медиуми, во организација на Фондацијата Метаморфозис.

Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми вели дека Македонија се наоѓа во уникатна ситуација од повеќе аспекти.

„Голем дел од интернет медиумите се основаат од новинари. Тоа се луѓе кои допрва учат, или малку разбираат што нуди интернетот како платформа. Многу од  луѓето ги третираат новите медиуми како весници, со тоа што немаат доволен тираж, што е основа на одржливост. Малку се линкува, за оној кој сака да прочита да ги провери изворите, постои голем плагијаризам, се крадат цели вести. Ова е еден проблем кој мора да се реши и преку платформата за саморегулација која ја подготвуваме, предлагаме добри решенија за авторските права и фер користење на информациите наместо „копи пејст“ новинарство“, истакна Георгиевски.

Според Зоран Ричлиев, од Медиа принт Македонија, потребна е едукација на сите фактори кои учествуваат во работата на новите медиуми.

„Ако сите беа едуцирани немаше да дојдеме до еден ваков нацрт закон кој се обидува да регулира работи кои не треба да се регулираат. Мора да дојде до окрупнување на пазарот, а тоа не се прави со закон, туку се прави со здружување на медиумите, едни со други да соработуваат, споделуваат и објавуваат содржини“, додаде Ричлиев.

Сопственикот и уредник на „Плус инфо“, Бранко Геровски истакна дека најголем проблем е очигледното непостоење на плурализам во медиумите. Според него, резултатот од директните затварања на медиумите но и притисоци врз нив, комбиниран со владините реклами во подобните медиуми и обесхрабрување на компаниите да се рекламираат во неподобните медиуми е катастрофален.

„Медиумите кои не се под контрола на власта, немаат пристап до јавните фондови, тие медиуми имаат само ограничен пристап до фондовите на јавните претпријатија и ограничен пристап до странските фондации кои се занимаваат со развој на овој сектор во оваа земја. Новинарите работат со прескромни примања, во лоши услови, не сакам никој да се навреди, но почетници во невладини организации имаат поголеми плати од било кој уредник во овие нови медиуми. Мојот излез од оваа ситуација е да се оформи некаков одржлив општествен модел за новите медиуми кои ќе доминираат во интернет сферата, но ако преживеат во меѓувреме“, истакна Геровски.

Според него, таков модел нема да се создаде во Македонија се додека е поважно мислењето дека земјата треба да биде стабилократија наместо демократија, како и мислењето дека овие прашања ќе се решат без суштински медимски плурализам.

Сопственикот на Мкд.мк, Александар Дамовски вели дека за жал во онлајн новинарството се зборува за опстанок а не за развој.

„Главната работа за опстанок се разбира се рекламите…Колку маркетинг агенциите кај нас се обучени и сакаат да ги убедат своите клиенти дека работата оди натака и сите се префрлаат онлајн е исто така важно прашање. Еден од проблемите кои мора да се решаат е и проблемот со авторските права а и злоупотребата на овој хаос од страна на рекламерите“, додаде Дамовски.

Со проблемот на финансиска одржливост се соочуваат и веб порталите кои продуцираат содржини на албански јазик. Елида Зилбеари од Порталб.мк, истакна дека тие како албански медиум имаат голема конкуренција, не само од порталите во Македонија туку и од оние од Косово и Албанија.

„Албанците повеќето знаат македонски јазик, и добар дел од информациите добиваат и од македонските медиуми што за нас е дополнителна конкуренција, бидејќи ако некој веќе земал информација од македонските медиуми, не би се навраќал на албанските медиуми. Треба да се направи некој модел на соработка помеѓу фирмите кои сакаат да таргетираат албанска публика, за рекламирање кај нас, зашто ние само така го гледаме нашиот модел на одржливост“, смета таа.

Освен домашните експерти за медиуми и новинари, на конференцијата присуствуваат и странски претставници на медиумската сфера, кои ќе ги споделат своите искуства и препораки за одржливоста на новите медиуми.

К.О.