Голема ударна акција во сабота за чистење на поплавените места

Членовите на групата „Хуманитарна помош за поплавените семејства во Скопје“, утре (13 август) ги повикуваат граѓаните на заедничка ударна акција за чистење на теренот по поплавите. Зборно место е Веро Центарот кој сега е пункт за собирање донации.

Потребно е сите граѓани да започнат да доаѓаат овде од 8 часот наутро, по што организирано ќе се упатуваат на критичните точки, според утврдена листа степенот на алармантност на ситуацијата на теренот. Превозот ќе поаѓа по исполнувањето на капацитет на секое возило (автобус, минибус или комбе). Расчистувањето ќе трае најдоцна до 19 часот, поради потребната видливост на теренот.

Увидот на теренот покажува дека поголемиот број луѓе за расчистување на сите критични точки е многи погоголем од оној којшто до местата може да се упати со јавниот превоз или индивидуалните возила.
Затоа, јавно е повикуваат сите превозници да се вклучат во оваа акција со свои автобуси, минибуси и комбиња, коишто не се користат за редовен превоз на 13 август 2016 година да ги упатат пред „Веро Центарот“ во Скопје (обезбеден паркинг) и да овозможат во текот на целиот ден да превезуваат граѓани до и од критичните точки, до локациите до коишто полицијата дозволува пристапност.

„Сигурни сме дека ќе ја покажат својата човечност и етичност и ќе ги испратат возилата коишто им се на располагање, бидејќи ниту еден друг ангажман и ниту еден друг личен приротет на приватните превозници, во овие денови, не треба да е поприротетен од помагањето во расчистување на сите критични точки. Исто како што за секој физички и здравствено подготвен, етичен, човечен граѓанин на Република Македонија, во овие денови, најприоритетно е секогаш кога може да биде онаму каде што е најпотребен – на терен!“, стои во повикот.

Сите приватни превозници коишто го прифаќаат јавниот повик, за повеќе информации и најава, можат да се обратат на телефонскиот број: 076 456 345.

Сите граѓани коишто поседуваат соодветна опременост (чизми, лопати, копачи, вили, работнички колички, заштитни ракавици, медицински маски), неопходно е да дојдат со неа, а за сите граѓани коишто немаат ваква опрема волонтерите ќе се обидат да ја обезбедат пред упатување на терен.

Истовремено со оваа акција, координирано ќе се организира централен пункт за собирање хуманитарна помош, на Сквер Јадран, од 10 до 22 часот.

Потребно е да се донира:

– Средства за дезинфекција
– Средства за лична хигиена
– Конзервирана и сува храна (храна којашто не треба да се готви или да се чува во фрижидер)
– Храна за бебиња
– Пелени за бебиња (сите броеви)
– Пелени за возрасни
– Прибор за чистење
– Кофи
– Ракавици за чистење
– Лопати
– Гумени чизми
– Работнички колички
– Душеци и кревети
– Ќебиња и постелнина
– Лекови коишто се издаваат без лекарски рецепт
– Батериски ламби
– Плински боци и плински уреди за готвење
– Свеќи и ќибрит
– Медицински маски
– Хирушки ракавици

Покрај оваа акција отворен останува и повикот за волонтерите да се упатуваат кон местата на кои треба помош, со бесплатниот превоз на ЈСП, во текот на викендов.