Голема раздвиженост на студентските изборите на Економски факултет

Голема раздвиженост забележа екипата на Радио МОФ за време на денешните студентските избори на Економскиот факултет при УКИМ. Изборите се одржаа во библиотеката на факултетот со почеток во 8 часот, а ќе траат до 16 часот. Студентите од Економски гласаа за претседател и членови на факултетското студентско собрание.

„Право на глас имаа сите студенти коишто се запишани во соодветната година и кои имаат заверено зимски семестар. Воедно имаме гласање и на втор и на трет циклус на студии. Нашето факултетско собрание треба да го сочинуваат вкупно 32 претставници, поточно по 7 од секоја студиска година од прв циклус студии, 3 од мастер студии и 1 докторант. Значи вкупниот број на претставници е 32. До овој пресек, до 12 часот излезноста вкупо од сите години, според нашата статистика е 5,5 отсто“, изјави Виолета Цветковска, професор и член на изборната комисија“.

Од изборната комисија споделија дека право на глас имале сите студенти кои дошле и се легитимирале со индекс, а гласањето до 12 часот се одвивало непречено и во најдобар ред. Во факултетскиот двор поразговаравме и со студентите што ги сретнавме. Ги прашавме што очекуваат од овие избори.

„Гласав затоа што ги познавам квалитетите на кандидираните колеги, верувам во нивните амбиции и интегритет. Се надевам дека ќе биде слушнат гласот на студентите и со голем оптимизам ги очекувам новите промени“ – рече И.С, студент од трета година.

Денеска се избираат студентски претставници и на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. За утре пак се закажани студентските избори на Машинскиот факултет.

Александра Субашиќ