И оваа година, Македонија е дел од светтската акција Let’s Do It! – WorldCleanup 2013 за чистење на расфрланиот отпад, која ќе се случува во сабота (5 oктомври).
Настанот кај нас го координира Асоцијацијата за чиста животна средина „Ајде Македонија!“ од каде што го пуштија повикот за учесници и изнесоа прецизни инструкции, како може да се биде дел од големата акција:
-Оформете тим и регистрирајте ја својата установа (училиште, општина, институција, организација, компанија) на сајтот на Ајде Македонија.
-Одберете една или повеќе активности кои заедно би ги правеле на 5 октомври 2013г.
-Разгледајте ги ресурсите понудени овде (акција и едукација), и одберете си активност што ќе ја правите со тимот.
-Разгледајте ги понудените промотивни материјали (промоција) и одберете си што ќе си отпечатите во своите заедници за поголема видливост на вашата активност.
-На крајот на настанот, испратете ни информација за резултатите од активноста што сте ја правеле.
-Документирајте ги активностите со фотографии и текстови – сите тие ќе бидат објавени на сајтот и фејсбук страната на Ајде Македонија!
Во Македонија лани за прв пат се реализираше глобалната акција кога беа организирани 440 настани во 54 општини и вклучени над 55.000 граѓани. Притоа беа отстранети 60 илјади метри кубни отпад кој беше однесен во Дрисла и општинските депонии, а беа собрани и 20 тони пет амбалажа и над 10 тони хартија.
Акцијата се родила во 2008 година во Естонија каде група волонтери решиле да ја исчистат својата земја за еден ден.За само петчаса, 50 илјади доброволци собрале 10 илјади тони отпад. Оваа инспиративна акција потоа се проширила на светско ниво, а годинава се очекува да се вклучат 100 земји и да се соберат 100милиони тони отпад.