Голем пожар на грчкиот остров Евиа, евакуирани две села

Голем пожар вчера избил на грчкиот остров Евиа, во близина на Атина, соопштија властите, додавајќи дека две села се евакуирани. Новиот пожар се појави откако пред помалку од еден месец повеќе од 90 луѓе загинаа во најлошите шумски пожари во историјата на Грција.

„Премиерот е во координација со министерот за внатрешни работи околу големиот пожар во Евиа“, соопштиле од кабинетот на Алексис Ципрас.

Министерот за земјоделство, Вангелис Апостолу, кој бил на местото на пожарите, за државната агенција АНА изјавил дека противпожарните служби се подготвуваат за акција во текот на ноќта, додавајќи дека службите од целиот регион се префрлени на островот.

Претходно, од претпазливост, скоро 500 луѓе биле евакуирани од локалните села Контодеспоти и Ставрос.

На местото на пожарите, кое е лоцирано 92 километри северно од Атина, се наоѓаат околу 250 пожарникари и 62 противпожарни возила.

Грција се уште е во жалост за 94-те жртви од големиот шумски пожар на 23-ти јули, кој го зафати крајбрежното село Мати, во близина на Атина. 30 луѓе по овој пожар се уште се во болница, дел од нив во критична состојба.

Катастрофалните пожари беа причина за оставка и отказ на шефовите на полицијата и противпожарните служби заедно со министерот одговорен за државната безбедност.