Голем пораст на расистички индциденти во Британија после Брегзит

Околу 500 инциденти поттикнати од расизам и омраза се случиле во неделите откако Велика Британија одлучи да замине од Европската унија, пренесува Independent.

Омразата која го подели британското општество во изминатиот месец после референдумот, вклучува писма до мигранти на кои пишува „F*** off to Poland“, богати лондонски посетители на скапи ресторани кои одбивале да ги служи келнер-имигрант, измет од кучиња ставен во поштенските сандачиња на мигранти во Рагби и расистички напади извршени од деца на најмала возраст – само 10 години.

Мапа на расистичките напади е направена откако Independent добиле пристап до податоците на организациите кои се борат со расизам и ксенофобија, PostRefRacism, Worrying Signs и iStreetWatch.

Некои од најсериозните случаи забележани од организациите се: банди кои шетаат по улиците и бараат од минувачите да потврдат дека знаат англиски јазик, свастики по ѕидовите во повеќе градови, напади на деца и девојки поради нивната националност и споредби со Нацистичка Германија од 1930-тите, кога на улиците на Лондон толпа луѓе пееле: „Прво ќе ги избркаме Полјаците, а потоа хомосексуалците“.

Организациите ја обвинуваат премиерката Тереза Меј дека помогнала да се создаде „непријателска средина“, која го поплочила патот до пост-референдумскиот расизам.