Голем марш за воздух предводен од средношколците – Оваа држава не дозволува да дишете

Со пораките „Сакаме да дишеме“, „Нема воздух нема мир“, „Воздух или смрт“, „Уа Профитери“, но и силни извици „УА“ пред Владата, вечерашниот марш за воздух кој беше масовно посетен, ја потврди решеноста на граѓаните дека животната средина мора да биде приоритет. Младите, од кои многумина кои утринава бојкотираа настава, вечерва излегоа на улиците низ Скопје.

Активистката Елена Данова се осврна на проблемот со депониите, додека Јанаки Митревски запраша дали некој знае како се вика министерот за животна средина.

„Дали нашите празноглави политичари одат на школо и каков воздух нивните деца дишат“, праша Митревски. Оваа држава не ви дозволува да дишете“, рече тој.

„Сите ја имаме истата цел, се бориме за воздух, за здрава животна средина“, порачаа активистите пред Влада.

Зошто да учиме за посветла иднина кога никој не презема ништо за неа? Ако вие не преземете одговорност ние мораме, секојдневно ќе ги потсетуваме овие институции дека немаат извршено нивните обврски спрема граѓаните, порачаа младите.

Протестот започна во 17 часот, пред Министерството за животна средина и продолжи кон Собранието. Тука се споија повеќе групи, на граѓани и средношколци и продолжија да маршираат заедно. Ним, попатно им се приклучуваа и други граѓани, со што толпата, како се зголемуваше на патот кон Владата.

Претходно, уште кај 16 часот, голема група средношколци од повеќе скопски училишта се собра пред Собранието, за да им се придружи на граѓаните на протестот со кој се бараат реални мерки за чист воздух. Голем дел од нив во текот на денот ја бојкотираа наставата, со цел да ги натераат надлежните сериозно да го сфатат проблемот со загадувањето.

Ова е втор голем протест за воздух месецов. Активистите се уште чекаат Владата да исполни дел од нивните барања, за потоа да остварат средба со надлежните. Маршот го поддржаа претставници на 40-тина граѓански здруженија кои се дел од т.н. „Зелен Фронт”.