Голем број училишта во САД ја укинуваат домашната работа

Сѐ повеќе и повеќе основни училишта во САД ја укинуваат домашната работа. Групата на директори на училишта и професори решиле да им овозможат на своите ученици повеќе слободно време за играње и дружење со семејството, како и за читање на алтернативна литература и спиење.

„Повеќе просветители конечно сфаќаат дека домашната работа е само труд, а нема придобивка за децата. Можеби за тоа да го сфатат им помагаат и родителите“, вели Алфи Кон, автор на „Митот за домашната работа“.

Во Соединетите Американски Држави, децата во просек поминуваат само седум минути надвор од домот или училиштето, покажува истражува ње на Универзитетот на Мичиган од 2008 година.

Истовремено, во Финска, чии училишта се меѓу најдобрите во светот, тоа време се цени најмногу од сѐ. Таму децата поминуваат помалку време во затворен простор и на пишување домашна работа, но сепак имаат подобри резултати во училиште и се посреќни.

„Она што им е навистина потребно на нашите деца е време за читање, време кое би го поминале со своето семејство, време за да си играат надвор и можности за други форми на учење надвор од училиштето“, смета Лин Рајт, директорка на Оукриџ, едно од училиштата во САД кои ја укинаа домашната работа.