Голем број граѓани вечерва по вторпат го гушнаа ГТЦ

Снегот вечерва во Скопје не ги спречи граѓаните да излезат пред Градскиот трговски центар и да го изразат својот револт поради најавите за „Барокизирање“ на овој објект. Неколку стотици граѓани меѓу кои и архитекти, јавни личности и познати скопјани направија жив sид и по вторпат го гушнаа ГТЦ, за како што велат, да им покажат на надлежните дека треба да се повлечат од идејата за менување на фасадата на објектот.

Фото: Плусинфо

Фото: Плусинфо

Настанот кој беше најавен како „Новогодишно топлење на ГТЦ“ продолжи со забава за присутните, а на бината поставена пред влезот на објектот од страната на Плоштад „Македонија“ беа прочитани повеќе говори на дел од присутните кои порачаа дека нема да и дозволат на власта да го смени изгледот ликот на овој култен објект кој на скопјани им буди убави спомени, и е важен дел од нивната историја и култура.

Организатор на протестниот настан е инцијативата „Го сакам ГТЦ“ која започна да функционира во јуни 2013 година како реакција на тогашниот проект за поставување нова фасада и доградба на ГТЦ. По краткиот застој на активностите, а поттикнати од повторните најавите за преобликување на ГТЦ во февруари 2015-та година, од иницијативата појаснуваат дека низ различни форми на креативно изразување, јавно говорење и институционални реакции ќе продолжат да го искажуваат својот став за зачувување на автентичноста на ГТЦ.