Годишнина од самозапалувањето на студентот Јан Палах

На многу места во Чешка денеска се одржуваат собири во спомен на 20-годишниот студент по историја Јан Палах, кој на 16 јануари 1969 година се самозапали во центарот на Прага во знак на протест против цензурата и инвазијата на војските на земјите на Варшавскиот договор врз поранешна Чехословачка.

Спомен плоча во родното место на Палах: „Јан Палах (1948-1969) живееше овде и од овде замина да умре за слободата на чешката нација“

Три дена подоцна Палах почина, а неговиот погреб шест дена подоцна се претвори во општ протест против тогашната политичка ситуација во која се наоѓа Чехословачка на кој учествуваа над 200.000 луѓе. Палах стана симбол на современата борба за слобода и демократија и отпорот на Чесите.

Годишнина од самозапалувањето на студентот Јан Палах

Палах имал две едноставни барања – укинување на цензурата и стопирање на забраната за ширење на вестите спроведувана од окупаторската војска.

Јан Палах

Јан Палах

Меѓутоа заради огромната цензура која постоела, голем број луѓе не знаеле за неговото самозапалување. Тогашните комунистички лидери целосно ги заташкувале информациите околу случајот, па така првата вест за протестниот чин била емитувана на Радио Слободна Европа, дури два месеци по смртта на Јан Палах.

Палах пред смртта упатил широко распространет повик до другите студенти да не го следат неговиот пример. Еден месец подоцна, на 25 февруари 1969 година, уште еден студент, Јан Зајиц, се самозапалил на истото место. Во април истата година нивниот пример го следел Евжен Плоцек во градот Јихлава.

Споменот на Палах и моралниот апел на неговиот чин, се одрази многу подоцна во јануари 1989 година, кога за време на т.н. „недела на Палах“, Прага ги доживеа најголемите протести против комунистичкиот режим од крајот на шеесетите години, што го означи крајот на тоталитарниот режим во тогашна Чехословачка.

По падот на комунистичкиот режим, претседателот Вацлав Хавел им го додели еден од највисоките ордени на Чехословачка, „Орденот на Томаж Гарик Масарик“, на Јан Палах и Јан Зајиц, пишува „Prague post“.