Годинешното издание на „Скопје џез фестивал“ со директен пренос на МРТВ

Годинава, Скопскиот џез фестивал ќе се одржи во својот стандарден термин од 14 до 17 октомври. На 39-тото џез издание планирани се настапи на домашни и европски музиччари на сцената на Националната опера и балет.

Фестивалот ќе го отвори премиерниот настап на дуетот Влатко Стефановски и Теодосиј Спасов. Од Македонија учество ќе земат Тони Китановски и неговиот „мал биг-бенд“, триото на Сашо Поповски со концертна промоција на новиот албум, како и  новата формација на Светлост + Одрон Ритуал Оркестра.

На фестивалот ќе гостува шпанскиот фламенко гитарист Чикуело и пијанистот Марко Мезкида, а од Австрија – „Радиан“. Предвиден е настап на хрватскиот пијанист Матија Дедиќ , а фестивалот ќе го затворат француските браќа Стефан и Лајонел Белмондо со својот квинтет.

Потврден е онлајн стриминг на три  концерти што ќе се случат во Њујорк и Осло, во рамки на Скопскиот џез фестивал – триото на Вилијам Паркер, со Ава Мендоза и Џералд Кливер, како и  дуетот Крис Дејвис / Ингрид Лауброк и големиот ансамбл на Тригве Сеим.

Фестивалот ќе се реализира во согласност со протоколот за одржување на концерти во затворен простор, а во салата на Националната опера и балет ќе бидат дозволени само 220 седишта. За прв пат оваа година, фестивалот ќе има директен телевизиски пренос на сите концерти на Македонската телевизија.

Програмата на фестивалот годинава опфаќа и промоција на две нови ЦД-изданија на „SJF Records“ – петтата албумска објава на Сашо Поповски Трио и првенецот на групата „Next To Silence“. Во рамките на фестивалот ќе биде доделена и наградата „Златен Орикс“ за најдобар млад џез-музичар во 2020 година.

Влезните билети за фестивалот ќе се продаваат само онлајн, почнувајќи овој вторник, преку продажната мрежа на mktickets.mk/, а билетарницата на НОБ ќе биде отворена исклучиво за време на фестивалските вечери, и тоа само во случај доколку останале непродадени билети за конкретната вечер.

Бесплатен онлајн стриминг ќе биде обезбеден за следење на сите концерти на фестивалот.