Годинава во сообраќајки загинало 21 лице

Управувањето со недозволена и неприлагодена брзина преставува најчеста причина за сообраќајни незгоди со фатални последици кои се најголем причинител за смртност кај младите лица во земјава, соопштија од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата – РСБСП. Од почетокот на 2016 година вкупно 21 лице го загубиле животот во сообраќајни незгоди.

Во последниве 10 години бројката на повредени се движи од 2600-4200 лица и има тренд на растење, а во просек годишно по 160 лица го губат животот на патиштата во Македонија. Околу една третина од сообраќајните незгоди се со смртни последици и се резултат токму на движење со недозволена и неприлагодена брзина.

„Движењето со недозволена и неприлагодена брзина негативно се одразува на наколку аспекти за време на управување на моторно возило, како што се: управливоста над возилото, сопирниот пат и можноста возачот навремено да може да застане пред одредена пречка, и негативно влијание на последиците во случај сообраќајна незгода. Имено, без разлика за каков модел и тип на возило се работи, сопирниот пат на возилото е во директна врска со брзината на движење од една страна, а од друга страна, во случај на сообраќајни незгоди со брзини поголеми од 120-130 км/ч последиците по возачот и сопатниците во возилото во најголем дел случаи се фатални“, вели доц др, Зоран Јошевски член на РСБСП.

Од РСБСП посочуваат дека иако секојдневно се губат човечки животи на патиштата во земјава, свеста бавно се буди, а репресијата затајува. Од Советот сметаат дека е неопходна силна и редовна контола на сообраќајот, силни санкции и приоритет во работењето и решавањето на проблемите поврзани со сообраќајот и девијантното однесување на поединци.

„Потребно е надлежните институции задолжени за управување и контрола на сообраќајот да го стават својот фокус на дејствување на реалните проблеми со кои се соочуваме, а кои резултираат со многу изгубени животи“, додаваат од РСБСП.