Годинава, во Македонија ќе се одржат два фестивали со исто, или слично име – „Д Фестивал“. Првиот, кој ќе трае од 4 до 6 јули, го организира „Пасворд продукција“, оригиналниот организатор кој долги години стои зад познатиот фестивал во Дојран, но овојпат на друга локација – во Штип, под Исарот и со скратено, малку изменето име – „The festival“. Вториот, пак, кој ќе трае од 25 до 27 јули во Дојран, го организира непознатата „Визуел Продакшн“.
Градоначалникот на Општина Дојран, Анго Ангов, вчера на својот Фејсбук-профил објави дека „продолжуваме да ја пишуваме заедно 17-годишната фестивалска приказна која мириса на лето, слобода, музика, љубов и Дојран“.
„Повторно ќе пулсира музиката покрај езерото – со врвни изведувачи, диџеи, музичари, креативни работилници и секако, незаменливиот камп што го прави искуството потполно и незаборавно. И покрај тоа што успешната долгогодишна соработка со претходната продукција згасна, на наше непријатно и неочекувано изненадување, сепак продолжуваме со нова продукциска куќа ‘Визуел Продакшн’, спремна да понуди огромен број на изведувачи и артисти за незаборавни доживувања“, напиша тој, додавајќи дека Дојран е домот на „Д Фест“.
Нашата мини потрага покажа дека „Визуел Продакшн“ нема социјални мрежи, барем под тоа име.
Според платформата Company Wall, под „Визуел Продакшн“ најдовме „Здружение за организирање на музички, хуманитарни, културни, спортски и едукативни настани, манифестации и активности“. Како прв сопственик е впишана Невенка Гогова.
„Визуел Продакшн“ е регистрирана на 3 септември 2024 година во Струмица, што значи дека постои само осум месеци, па засега е непознато дали има било какво искуство со музички настани, или е основана наменски, само за фестивалот.
Ако се знае дека досегашниот „Д Фестивал“ имаше статус на фестивал што бега од сеопштата естрадизација и нуди шарена програма што ги задоволува и алтернативците, засега не се знае ниту каде ќе се движи „новиот“ дојранскиот фестивал во музичка смисла.
Од друга страна, „Пасворд продукција“ со сите свои организирани изданија, но и концерти и настани што гравитираат околу „Таксират“, веќе имаат музичка публика и музички ракурс. Во нивниот случај, недоумниците главно беа поврзани со локацијата, откако објавија дека новоименуваниот „The festival“ се сели од Дојран во Штип, под Исарот.
„Полека и сигурно нашата Д заедница расте, и како дете што го напушта својот дом за да ги следи соништата, така и Д Фестивал тргнува по нов пат“, напишаа тогаш од организацијата.
Фестивалџии бурно реагираа на оваа вест, а од „Пасворд“ не дадоа веднаш објаснување за одлуката. Сепак, кон крајот на април оттаму се огласија велејќи дека сакаат со позитивна енергија да заминат од Дојран, нивниот дом цели 15 години, и не сакаат јавни препирки.
„Сепак, во нашето општество секогаш политичарите биле поголеми рок ѕвезди од музичарите“, истакнаа тие во објавата.
Како што напишаа од „Пасворд“, тие биле подготвени за тешките и емотивни реакции на љубителите на фестивалот, многу слични на нивните чувства кога ја донеле одлуката.
„Секоја одлука која ја правиме за фестивалот ја правиме со позитивна мисла и желба за развој на културата во Македонија, за опстојување на единствениот фестивал од овој вид кај нас. ‘Д Фестивал’ од годинава ќе ја промени својата локација, а причината е едноставна: Човечкото достоинство има лимит. Можеш да нѐ излажеш 3 пати, но не сто пати. Со години еден ист човек нѐ туркаше кон заминување, а се уверивме дека за него ‘Д Фестивал’ и не е културен настан, а ни туристички или економски бенефит за градот Дојран и околината. Заборавивме дека политичарот, нема проблем да објави и 10 лаги за да ја промени реалноста. Да бидеме фер, пак оставивме и повеќе од законскиот рок да се извини јавно за своите искажани невистини. Но, за тоа треба доблест и искрена желба за подобро утре“, наведоа оттаму, додавајќи дека „Д Фестивал“ годинава ќе биде и хуманитарен за да и’ помогнат на иницијативата „Support Кочани“.
Ангела Петкова и Бојан Шашевски