„Година на мајмунот“ оди во Кина на Шангајскиот филмски фестивал

Mакедонската комедија „Година на мајмунот“, по режија и сценарио на Владимир Блажевски, ќе се прикажува на Шангајскиот меѓународен филмски фестивал.

Се работи за фестивал од А-категорија, кој ќе се одржува од 16 до 25 јуни годинава, а филмот ќе биде дел од панорамската програма на фестивалот.

„Година на мајмунот“ ја имаше својата светска премиера на Московскиот меѓународен филмски фестивал, додека во Македонија беше отворен на 21. издание на Скопскиот филмски фестивал.

Филмот го следи уникатното пријателство меѓу мајмунот Коко и чуварот на Зоолошка градина Цобе, и нивната авантура во превртениот транзициски свет.

Се снимаше во 2016 година како копродукција на Македонија, Србија, Словенија и Косово, поддржан од Еуримаж, на околу 80 различни локации низ Македонија. Главната улога ја игра Игор Ангелов, а во екипата се појавуваат актери од Македонија, Србија, Словенија и Хрватска.

„Година на мајмунот“ е на редовен репертоар во киното „Милениум“.