Кратос и син му Атреус пред само нешто повеќе од една недела ја продолжија својата авантура во „God of War Ragnarök“, игра која има 10 номинации на овогодишните „The Game Awards 2022“ што ќе се одржат на 8 декември.
Најголем конкурент за игра на годината е „Elden Ring“ на „FromSoftware“. Ова дело повторно го редефинираше „souls-like“ жанрот со својот огромен свет за истражување преку имагинацијата на Хидетаки Мијазаки, овој пат здружен со писателот Џорџ Р.Р. Мартин. „Elden Ring“ има седум номинации.
Во трка за главната награда е и ексклузивата на „PlayStation“ – „Horizon Forbidden West“. Се работи за продолжение на „Horizon Zero Dawn“ од 2017 година, игра сместена во пост-апокалиптична верзија на Соединетите Американски Држави кои се опоравуваат од страшни евенти предизвикани од роботски суштества.
Исто така, во конкуренција за главната награда влегува „Stray“, симпатична авантура со мачка што е вовлечена во „стимпанк“ футуристички свет населен со роботи, но и „A Plague Tale: Requiem“ – акционата-авантуристичка хорор стелт игра развиена од Asobo Studio. Ова е втор дел од серијалот, каде Амисија и Хуго де Рун мора да бараат лек за болеста на Хуго во Јужна Франција додека бегаат од војници на инквизицијата и ордите стаорци кои ја шират црната чума.
Најголемо изненадување на листата според бројни критичари и медиуми е „Xenoblade Chronicles 3“, ексклузивата на „Nintendo Switch“.
Целата листа на номинации по категории може да се види ТУКА.