Гоце Велески: Омајгад не е бренд, Омајгад е идеја

Маичките и дуксерите на Омајгад со натписи на кирилица се чест избор за облека на многу млади во Скопје и пошироко веќе три години. По повод роденденот на „кирилицата која се носи“, креаторот на невообичаените маици, Гоце Велески, организира хуманитарна продажба на Омајгад и други ракотворби во кафе бар Љубов, на 24 и 25 септември. Во разговор со Радио МОФ, Гоце раскажува за идејата зад Омајгад и продажбата.

Според тебе, стана ли Омајгад препознатлив бренд во изминативе три години? Задоволен ли си од она што досега си го постигнал?

Јас никогаш не го имав замислено Омајгад како бренд и искрено се надевам дека никогаш нема да стане бренд. Чудно е да, ама Омајгад е идеја која што, ете на некој чуден начин профункционира и се уште е тука. Да, малку ми е чудна бројката на луѓе кои што се имаат заинтересирано за Омајгад, но ептен ме радува тоа.

Најсреќен сум кога ќе видам „рандом“ дечко/девојка низ град што носи маица или дуксер. Презадоволен сум и премотивиран идејата да се шири, па сега подготвувам нешто ново за зимава, па и за летото што ќе дојде.

Од каде се роди идејата за Омајгад?

На биро дома, во три наутро. Прво немав поим што ќе биде, само ми звучеше супер на кирилица. После неколку дена размислување решив дека треба да се прават маички, па што сака нека биде. И така бидна, многу набрзина, без некој бизнис план. Затоа и реков, Омајгад не е бренд, туку е една идеја.

Колку во Македонија има пазар за креативно претприемништво?

Има пазар ама доколку си спремен да работиш со ситно. Инстантно богат не се станува. Ни богат, не се станува додуша. Македонија е мало место кое што нуди тоа што нуди. Сега треба сите да сфатиме дека тоа е тоа што го имаме и треба на некој начин да сме задоволни со сето ова. Омајгад работи по принцип на лимитирани едиции од принтови, што значи ептен е со ситници работата и така е кул.

Беше ли предизвик да се вложи во оваа идеја, и дали се исплатеше?

Премногу ми беше предизвик. Фактот дека пред да ја направам промоцијата дадов отказ и цела плата ја потрошив на првите маици, беше дури и малку страшно. Е сега, дали се исплати? Не знам… душевно ми се исплати и се радувам, Омајгад го работам со најминимална заработка, а во таа заработка не е пресметан креативниот труд, а исто така и рачниот труд (прскање со спреј 200+ кутии, виткање на кутии, сечење стикери, диплење маици и така натаму). Имам дневна работа како Арт Директор во Кајгана Медиа, а Омајгад ми е душевната сатисфакција која ја имам.

Би го проширил ли производството на друга облека, освен маички и дуксери?

Да, се е тоа во план само се бара храбра конфекција која ќе се нафати да направи помала количина за фер цена кон мене. Само тешко е, сепак конфекциите работат со големи брендови и тиражи и кога ќе се појави некој ентузијаст како мене на кој му требаат ХХ парчиња зашто во џеб е тенко, гледаат да ти дадат цена за да те избркаат (се смее).

„Кирилицата која се носи“ досега третираше неколку теми поврзани со Скопје и животот во него, од испишување на пораки за љубовта кон градот, па се до „поп“ фрази кои скопјани ги користат. Што се подготвува наредно?

Ух, вака искрено немам поим. Зимската колекција ќе биде нешто ново и сосема различно, два типа на дуксери ќе има (кратки и долги), но тоа е тоа што го знам сега за сега. Ептен се фокусирав на роденденот/изложбата и се останато некако остана на страна да тлее. Но ќе има, зимава може така малку да зажариме, но во 2017 дефинитивно ќе има куп нови работи.

Зошто одлучи третиот роденден на Омајгад да го прославиш токму со хуманитарна продажба?

Искрено, не знам. Се разбудив едно сабајле и си реков „Гоце брат, доста правиш за тебе, ај направи нешто за другите“. И така се појави идејата да се направи хуманитарна журка/продажба/дружба, еден вид на „зезање“ што во основа е и идејата на Омајгад. И да не е себично од моја страна, има отворен повик за сите кои што сакаат да учествуваат во оваа хуманитарна продажба да ме исконтактираат и секако ќе бидат повеќе од добредојдени да направиме супер дружба на 24-ти.

Стефанија Тенекеџиева