„Го сакам Водно“: Надлежните трчаат да донесат планови, а уште не се опредeлени границите на ерозивното подрачје

„Од приложеното над улицата „Питу Гули“, со сите звучни имиња, дупови, драми и на крај давање дозвола за градба (читај: случај спорни плацеви Камчеви-Груевски, Маркеза, Пеце Наумовски и, како јаготка на шлагот потписникот на одобрението за градба, градоначалникот Богдановиќ). Се гледа дека сте решиле да го „планирате Водно“. И тоа како ви се чини, на поединци и сопственици на парцели“, се вели реакцијата на здружението „Го сакам Водно“, од каде бараат да се стопира ДУП-от и да се донесе итно закон и просторен план за Водно.

Активистите наведуваат дека надлежните Водно го планираат со најниски планови, дупови итн, а притоа ај што се негира со децении дека Водно како простор е заштитен (заштитена Парк Шума од 1976), туку, велат тие, негираат и студии за порои и ерозии.

„Ја користите дупката во легислатива што нема повисок стратешки документ, како што е Просторен план за Водно, што Град Скопје и во 2021 абер нема да донесе оперативни планови за заштита и одбрана од поплави за загрозените подрачја“, стои во реакцијата.

Од таму велат дека надлежните трчаат да донесат планови, а се уште не се определи границите на ерозивното подрачје и подрачјето загрозено од ерозија и не се утврдени мерките и работите за заштита на земјиштето од ерозија и уредувањето на пороите.

„Господа планери и господа советници кои носите вакви ДУП-ови, а и градоначалници кои ќе носите Урбанистички проекти – должни сте да ги земете овие закани при уредување на просторот. Доста бре верглате дека е се по Закон… Аман веќе! Дупка е законска, вакум! Не носите оперативни планови, ниту граници, ниту мерки и не одговарате! А после верглате дека е се по Закон. Се мајтапите со народот! Арогантни сте! И поддржувате девастација на општо добро, нанесувате несомнена штета по јавен интерес и носите плански решенија чиишто последици се огромни и по јавниот интерес, но и носат можност за загрозување на човечки животи во подножјето на планината (значи на пола Скопје!) Стопирајте го ДУПот! И донесете итно Закон и просторен план за Водно!“, се вели во реакцијата упатена до премиерот Зоран Заев, Владата, Агенцијата и Министерството за животна средина и просторно планирање.