[Галерија] Го сакам Водно: Багерите се на стотина метри од жичницата, во 12 часот кој може да ни се приклучи на врвот

Од иницијативата Го сакам Водно потенцираат дека денес на пладне, од 12 часот ќе бидат на врв на Водно, па бараат кој може да им се приклучи на активистите.

Потенцираат дека багерите се поставени на нова градежна зона, до самиот врв.

„Одиме до багери – блиску се до врв! Се работи ли за нова ‘техничка грешка?!’ Кој километар е? Дали се работи на 19-ти или 20-ти километар? Откако ископаа до провалија и немаат веќе храброст да продолжат, се намерија на лесниот и пристапен терен. Велат, работиме со дозвола, не сме во шумата каде менуваме траса, каде не смеат да работат, додека не добијат дозвола. Одиме горе, на новата отворена градежна зона на врв на Водно, да видиме каде и што се работи, и повторно ли прават ‘техничка грешка’. Биди во 12 часот на врв на Водно. А верувајте, багерите овојпат се блиску. на само стотина метри од жичницата“, соопштува Го сакам Водно.

Активистите и вчера реагираа дека повторно насила се турка трасата на гасоводот на Водно, со што, велат тие, повторно се појавуваат нови прашања, нови прекршоци, нова арогантност и игнорирање на проблемите од институциите.

Затоа прашаа на која траса и на кој километар од трасата се работи моментално на врвот на Водно.

„Стара траса или нова изменета траса за која уште нема одобрение за градење?! Чекаме објаснување, од МЕР, изведувачот или надзорот, Инспекторат на Град Скопје, Град Скопје, ЈП „Паркови и зеленило“, изморени од игнорирање на сите пропусти кои се случуваат, кои и сега може да се увидат, неодбележана механизација, неодбележан градежен простор“,рекоа од Го сакам Водно, објавувајќи во прилог фотографии од местото каде, велат тие, повторно се започнати работни активности, позиција на багерите и неправилностите и штетата која ја прават, невидливи за инспекторите.