„Go Green“: Пријави за згради за приклучување кон иницијативата #Селектирам

Организацијата „Go Green“ ја продолжува својата иницијатива за интегрирање и формализирање на собирачите на отпад, преку воспоставување на мрежа за селектирање амбалажен отпад во станбените згради.

Преку иницијативата #Селектирам граѓаните можат да се пријавaт и приклучaт, за да ја користат услугата за собирање на амбалажниот отпад од својата зграда.

„Услугата е бесплатна и вклучува: поставување на зелени зони – декоративен тепих- трева, канти за селекција. Информативна кампања – едукација и инструкции за што се селектира и како, а што не се селектира. Почитување на мерките за спречување и ширење на КОВИД-19 од страна на собирачите кои ќе бидат целосно опремени (визири, маски, ракавици, дезинфекција итн.) и информирани за правилата. Транспорт на амбалажниот отпад од вашата зграда“, соопштуваат од „Go Green“.

Ваква иницијатива веќе успешно се спроведува во зградата на ул. Антон Попов бр. 1, каде се селектира пластика и хартија со поставени картонски канти на секој спрат.

„Почнуваме со станбени згради на територија на Град Скопје. Поднесувањето на пријавата Ви овозможува влез во дата базата за воспоставување на зелена зона во вашата зграда, зависно од динамиката и оптимизацијата на рутите за собирање и транспорт ќе бидете благовремено контактирани и услужени со нашите услуги за собирање“, велат од „Go Green“.

Јовановски од „Go Green“: Социјално претпријатие ќе ги вклучи неформалните собирачи за отпад во зградите