ГМО храна во Македонија?

ГМО храна во Македонија?Надлежните тврдат дека генетски модифицирана храна во Македонија нема, но никој не прoверил дали навистина е така. Акредитирана лабораторија за контрола на ваква храна кај нас нема, овластената пак која се наоѓа на Земјоделскиот факултет и соработува со таа во МАНУ, ретко се користи иако е опремена за вакви анализи. Засега се контролираат само документите на увозниците и штом тие се во ред храната како безбедна  влегува во земјава.  Иако неодамна „Грин пис“ објави листа на компании кои користат ГМО во своите производи , а кои на големо се продаваат и кај нас, надлежните ваквите наоди не ги коментираат. Од Агенцијата за храна и ветеринарство се децидни, засега нема дозволено увоз на ваква храна во Македонија.

Неколку компании се распрашувале, вели Сузана Поповска од Агенцијата за храна и ветеринарство, но засега нема поднесено официјално барање за ГМО храна во Македонија. Законот дозволува увоз, но ако еден производ содржи над 0,9%  ГМО во составот, тоа треба за биде означено на декларацијата.

Полемиките околу штетноста на генетски модифицираната храна го тресат светот. Додека големите компании како „Монсанто“ на пример заработуваат милијарди од производството на ГМО храна и тврдат дека е безбедна за конзумирање, бројни научни истражувања го покажуваат спротивното.

За професорот Зоран Поповски кој ја координира работата на лабораторијата за ГМО на Земјоделскиот факултет, контролата на храната е повеќе од потребна. Нивните истражувања во рамките на одредени проекти покажале дека има голем процент на ГМО во сточната храна, а Поповски укажува и на опасноста од недостигот на контола во однос на семенскиот материјал.

Државата треба да обезбеди финансии за контрола на ГМО кај одреден број производи на годишно ниво, вели Поповски, за да спречи бумот на ваквите производи во земјава.

Во меѓувреме стравот од ГМО храната во светски рамки расте, но се зголемува и нејзиното производство. Светот се крева на протести, граѓанскиот сектор се мобилизира. Кај нас невладините главно молчат, реакциите се префрлуваат на социјалните мрежи кои го бараат одговорот на прашањето-колку навистина ГМО храната е присутна во Македонија.