Утре од 18 до 22 часот, Skopje City Mall заедно со AIESEC Скопје, организираат настан „Global Village” („Глобално село“), чија цел е да ги зближи луѓето од различни земји и култури и да ги прослави различностите, мултикултурализмот и глобализмот. На влезот на Skopje City Mall ќе бидат поставени седум штандови, од кои 6 на државите учеснички (Турција, Романија, Русија, Украина, Кина, Шпанија) и еден на АИEСЕК. Настанот вклучува млади кои се дел од проектите на размена на АИЕСЕК Скопје: SAMS и Green Up, кои ќе ги претстават своите држави преку својата кујна, традиционална облека, музика, предмети и сценски настапи.
Идејата на овој настан е да се поттикне меѓукултурното разбирање, да се зголеми свеста на младите за глобалните прашања, да ги тргнат предрасудите на страна, да ги прошират своите видици и да стекнат интерес за одредени земји. Тоа го оживува основното гледиште за светот како едно големо „глобално село” кое ги инспирира луѓето да ја разберат и ценат различноста која само придонесува за мир и исполнетост на човечкиот потенцијал, што е всушност и една од основните вредности на АИEСЕК Скопје.
„Македонија е земја во која е застапен мултикултурализмот, па затоа е од особена важност да ги спознаеме другите култури, да ги почувствуваме нивните животните стилови и да ги прифатиме различностите кои тие ги имаат“, велат организаторите.
Тие ги повикуваат сите посетители кои сакаат за момент да ги избришат границите и подобро да ги запознаат другите култури.