Глобалниот настан „Ruby on Rails“ и во Скопје – 60 девојки ќе учат програмирање и ќе работат на веб апликација

Скопје годинава се приклучува во организирање на најголемата глобална работилница за Ruby on Rails за девојки. Со настани во уште 226 градови низ светот, работилницата ќе ги приближи основите на технологијата до девојките, мотивирајќи ги да учествуваат во решавање на локални и глобални предизвици.

60 учеснички овој викенд бесплатно ќе учат основи на програмирање и ќе изработат веб апликација за својата идеја под менторство од 15 искусни програмери. Целта е што повеќе девојки да навлезат во програмерскиот свет, дигитализацијата и веб технологиите.

Организатори на работилницата во Скопје се Мариана Јаневска, Ивана Спасова и Михајло Штерјов.

„Rails Girls е глобална непрофитна глобална иницијатива чија цел е да обезбеди алатки и заедница на девојки заинтересирани за програмирање и развој на нивните идеи. Сето ова, преку обезбедување на искуство во развивање на дигитални нешта и преку зголемување на достапноста на технологијата. Започната е во Финска од Linda Liukas и Karri Saarinen“, објаснува Михајло.

Мариана, пак, во 2014 учествувала како ментор на првата работилница Rails Girls во Скопје, за време на своите почетоци во програмерската кариера. Ја опишува како микс на кодирање, учење, запознавање и забава.

„Сметаме дека е од особена важност да се актуелизираат и организираат вакви настани и работилници бидејќи живееме во ера на дигитализација и ИТ едукацијата, дури и на базично ниво, е многу важна бидејќи претставува чекор напред во промена на размислувањата и придонесува за демократизација на технологијата како избор на професија и на женската популација. Целта на работилницата и на самата иницијатива е да вклучи што поголем број на учеснички кои успешно ќе бидат воведени во web development од менторите, ќе создаде цврста заедница за отворена соработка помеѓу сите девојки кои се заинтересирани да навлезат во светот на технологијата од страната на паметното користење, создавање, и развивање на идеи.

Последните години многу се актуелни дебати и статистики за теми како родова еднаквост. Сепак, таа родова еднаквост во развиени општества каде сите имаме еднакви права за образование треба да биде разгледана и низ призмата на ИТ едукацијата. Односно, акцентирањето на избор на глобално-конкурентни професии, континуираната доедукација, учење и пробување на нови технологии и паметното адаптирање во дигиталниот глобален свет на секоја девојка би биле прашањата на кои треба да им посветиме поголемо внимание“, надополнува Ивана.

Апликантите за време на оваа работилница ќе научат основи на sketching, prototyping, основно програмирање и ќе бидат воведени во светот на технологијата.

„Не сакаме настанот да биде погрешно сфатен дека за еден викенд учесниците ќе станат програмери, бидејќи воопшто не е така. Меѓутоа е еден голем чекор за вовед во технологијата и сметаме дека многу од учесниците понатаму ќе продолжат да учат а ние сме тука за да им помогнеме во тоа“, нагласува Ивана.

Нивна желба е во иднина барем еднаш годишно да се одржува ваква работилница и од 60 учесници барем три да продолжат со програмирањето или пак некоја друга технологија.