Глобалната интернет мрежа денес слави 25 години постоење

„Интернаутите“ денес го прославуваат денот на кој британскиот научник Тим Бернерс-Ли ја откри World Wide Web, односно глобалната интернет мрежа, во ЦЕРН во Швајцарија.

Со тоа, интернетот како што го знаеме и користиме и денес се популаризираше и стана достапен до обичниот човек.

Интернетот и „world wide web“ се две различни нешта – интернетот беше прв пат конектиран во 1969 година, а со него се дефинира мрежа преку која се пренесуваат информации. „World wide web“ пак, е просторот на оваа мрежа каде информациите, како веб страниците и документите, се сместени. Аналогија со која научниците го објаснуваат овој феномен е да гледаме на „www“ како неврони, а на интернетот како синапса.

Во 1980 година, Бернерс-Ли создал лична датабаза на луѓе и софтверски модели во ЦЕРН. Таму најпрво го употребил хипертекстот, со кој секоја страница се поврзувала со друга, веќе постоечка страница. Во текот на наредната деценија, го развивал овој принцип се повеќе и повеќе, а во 1989 година ја предложил идејата за „универзален поврзан информациски систем“ за да им помогне на физичарите да соработуваат, комбинирајќи го интернетот со хипертекстот.

Најпрвата веб страница, која може да се најде онлајн со нејзиниот оригинален URL, била пуштена на интернет на 6 август во 1991 година. Тогаш била достапна само за корисниците во ЦЕРН, и била кратка веб страница која објаснувала што е World Wide Web.

На 23 август 1991 година, нови корисници надвор од ЦЕРН биле повикани да се приклучат кон мрежата, со што се одбележува официјалниот датум кога „обичниот човек“ прв пат користел интернет – или Денот на Интернаутот.

„Доколку технологијата беше  во моја сопственост и целосна контрола, веројатно немаше  да се популаризира. Одлуката да го направам интернетот отворен систем беше потребна за тој да биде универзален. Не можеш да предложиш нешто да биде универзален простор, а истовремено да ја држиш контролата над него“, вели Бернерс-Ли.