Глобална анкета покажува дека анти-ЛГБТИ ставовите сè уште преовладуваат

Две третини од возрасните би биле вознемирени доколку нивното дете е хомосексуалец, а само четвртина сметаат дека е прифатливо доколку момче се облекува како девојка. Ова се резултатите кои ги покажува анкета извршена на 96000 луѓе од 53 земји-членки на Обединетите нации.

Анкетата, спроведена од Интернационалната лезбијска, геј, бисексуална, транс и интерполова асоцијација (ILGA), покажува дека постојат разлики во размислувањето во однос на регионот, но севкупно откритијата покажуваат „длабоко втемелени хетеронормативни концепти за сексуалната ориентација и половиот идентитет“. Само 28 посто од анкетираните глобално рекле дека им е прифатливо доколку машко дете секогаш се облекувало и изразувало себеси како девојче.

Одделен извештај исто така објавен од ILGA во вторникот ги истражува законите низ светот, и покажува дека истополовиот сексуален чин е казнив со смртна казна во 13 земји, или делови од државите (што претставува шест посто од сите земји во ОН), додека затворската казна сè уште постои во 75 држави и пет покраини.

Многу жители на тие држави веруваат дека да се биде лезијка, геј, бисексуалец, транс или интерполова личност, треба да се третира како криминал. ILGA откриле дека 45 посто од анкетираните во Африка се согласиле дека „да се биде ЛГБТИ треба да се третира како криминал“, додека во Азија вакво мислење имаат 34 посто од анкетираните, во Европа 17, 15 во Америка и 14 во Океанија.

Кога ILGA разговарале со ЛГБТИ активисти од повеќе земји, откриле дека „во многу држави низ децениите искуство, се среќавале со мислење дека истополовата интимност е класифицирана како „неприродна“, „декадентно“, „болест“, „поради злобно влијание од странство“. Прашале и дали луѓето сметаат дека истополовата сексуална желба е западен феномен. Дури 47 посто од анкетираните во Африка рекле да, а во Азија 42 посто. Но, анкетираните во одредени региони во земјите кои типично се опишуваат како „западни“, исто така се согласуваат со тврдењето – 24 посто во Европа, 21 посто во Америка и 20 посто во Океанија.

Сепак, на меѓународен план законите се менуваат. Во 70 држави денес  е забрането да се дискриминираат луѓе на работното место врз основа на нивната сексуална ориентација (односно 38 постоод земјите во ОН).

Организацијата исто така ги истражувала правата на истополовите брачни партнери и родители во земјите низ светот. Во 26 држави, посвојувањето е легално, а во 40 држави е легално стапувањето во брак. Тие бракови имаат еднаква или речиси еднаква правна положба како браковите меѓу луѓе од спротивен пол (во шест држави, истополовите бракови постојат, но легално се инфериорни на браковите меѓу маж и жена).

Истражувањето покажало и дека има позитивни промени во јавното мислење. Третина од сите анкетирани рекле дека во последните пет години нивното мислење за ЛГБТИ луѓето преминало повеќе во нивна корист. Најзначајниот фактор кој придонесува за промена на мислењето е познавање на ЛГБТИ личност.

Детални податоци за секоја држава се достапни на веб страницата на ILGA.