Глобален климатски штрајк: илјадници се приклучија на координирани акции низ целиот свет

Стотици илјади луѓе во 99 земји учествуваа во координираниот глобален штрајк за климата, барајќи итна акција за справување со еколошката криза, пренесува Гардијан.

Штрајкот што се одржа вчера, првата светска акција за клима по пандемијата на коронавирус, се одржува неколку недели пред климатскиот самит „Коп26“ во Глазгов, Велика Британија.

Во Германија, два дена пред општите избори во земјата, Грета Тунберг им рече на толпата од повеќе од 100.000 луѓе дека „ниту една политичка партија“ не прави доволно.

Шведската активистка, чиј самостоен штрајк во 2018 година ги инспирираше глобалните движења „Петоци за иднината“, им порача на поддржувачите дека треба да продолжат со притисокот врз германските политички лидери и по избирачкиот ден.

„Да, ние мора да гласаме, вие треба да гласате, но запомнете дека само гласањето нема да биде доволно. Мораме да продолжиме да излегуваме на улица “, рече таа.

Организаторите на глобалниот настан рекоа дека има протести во повеќе од 1.800 градови низ целиот свет со големи настани во Европа, Африка и Северна и Јужна Америка.

Во Мексико демонстрантите се собраа пред Националната палата во Мексико Сити за да бараат државната нафтена компанија „Пемекс“ да претстави план за декарбонизација, додека во Бангладеш активистите побараа укинување на планираните нови електрани за јаглен и гас.

Во Јужна Африка демонстрации се одржаа во 12 градови, како дел од тридневниот штрајк со барање владата да го надгледува праведниот премин од фосилните горива. Во Лондон демонстрантите се собраа пред парламентот за да ги слушнат говорниците кои ја повикуваат владата на Обединетото кралство да направи повеќе за да ги исполни своите климатски цели. Се очекуваа големи демонстрации и во Канада, Бразил и Аргентина.

Претходно оваа година Меѓувладиниот панел за климатски промени рече дека емисиите на јаглерод во светот мора да се намалат за половина до 2030 година за да се одржи глобалното загревање под 1,5 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа, границите кон кои државите се согласија да се стремат во 2015 година во Париз.

Но, ОН објавија на 17 септември дека сегашните ветувања од земјите ќе доведат до пораст од 16% во следната деценија.

Имаше некои позитивни потези во последните денови, при што Кина рече дека ќе го прекине финансирањето на високо загадувачките електрани на јаглен во странство, иако не дома. САД, пак, ги удвои финансиите за климатска акција за ранливите нации. Ова финансирање им помага на богатите земји да се движат кон испорака на 100 милијарди американски долари годишно, ветени пред една деценија, што се смета за критично за успехот на „Коп26“.