Глобален индекс за тероризам 2016: Голем пораст на терористички напади во развиените земји

Најразвиените земји во светот претрпеле драматичен пораст во бројот на смртни случаи поради тероризам минатата година, според новиот Глобален индекс за тероризам, и покрај пад на глобалниот број на смртни случаи поврзани со тероризам.

Индексот покажува дека ИСИС сега е и официјално најопасната терористичка група во светот, со што Боко Харам е на второто место. ИСИС прогласија одговорност за 6141 смртен случај преку нападите во повеќе од 250 различни градови во 2015 година.

Бројот на земји во кои ИСИС спровеле напади е и повеќе од двојно зголемен, од 13 во 2014, на 28 во 2015 година.

Глобално, бројот на смртни случаи причинети од терористички напади се намалил за 10 проценти во 2015 година од претходната година, која беше рекордна во 16-те години во кои се прави истражувањето од Институтот за економија и мир.

Падот во број на смртни случаи е причинет од воените акции против ИСИС и Боко Харам во Ирак и Нигерија, но индексот покажува дека групите го прошириле своето влијание во соседните држави и региони.

Иако индексот опфаќа 274 различни терористички групи, од нив само ИСИС, Боко Харам, ал-Каеда и Талибанците се виновни за 75 посто од сите терористички напади.

Кога станува збор за развиените земји, 2015 година била втората најсмртоносна година откако започнале истражувањата. На прво место е сѐ уште 2001 година, кога нападите на Кулите близначни предизвикаа 2996 смртни случаи.

Индексот покажува дека има лекции кои можат да се научат, пишува Independent, како на пример фактот дека само 0.5 проценти од терористичките напади се случиле во држави кои не се вмешани во странски конфликти или имаат ниски стапки на „државно-финансиран терор“ – мачење или затворање без судење.

Најфаталниот напад во 2015 година се случил во април во Каим, Ирак, кога борците на ИСИС подредиле и егзекутирале 300 цивили.