Глобален индекс за мир: Македонија на 94-то место, со пад од лани за 15 места

Македонија е на 96-то место на Глобалниот индекс на мир, од вкупно 162 анализирани држави. Со тоа земјава бележи пад од 15 места, споредено со минатогодишното 79-то место. Ова е најлош резултат во изминатите пет години.

Истражувањето се прави врз основа на повеќе индикатори, како криминалитет, број на војници и полицајци, убиства, апсења, пристап до оружје, интензитет на внатрешен конфликт, насилни демонстрации, политичка нестабилност, политички терор. Во критериумите за рангирањето влегуваат и увозот на оружје, влијание на тероризмот, смртни случаи во внатрешни конфликти, трошоци за армија, специјални вооружени единици, финансии за мир од ОН, нуклеарни и тешки оружја, извоз на оружје, број на иселени лица, односи со соседните земји и смртни случаи во надворешни конфликти.

Светот е се понасилен, со најголем број на смртни случаи во воен конфликт во изминатите 25 години, најголем процент на терористички напади во една година и повеќе луѓе кои се иселиле од Втората светска војна наваму, покажува истражувањето кое беше објавено денес.

Годишното истражување, кое се прави врз основа на 23 индикатори, како насилен криминал, нивоа на милитаризација и увоз на оружје на државите, покажува дека за високиот степен на насилство најмногу придонеле конфликтите во Блискиот исток.

Но, настрана од Блискиот исток, светот всушност станува помирен, велат авторите на истражувањето.

„Многу често, во хаосот кој се случува во Блискиот исток моментално, не ги гледаме другите позитивни трендови“, вели Стив Килелеа, основач на Институтот за економија и мир, кој гообјавува индексот секоја година.

„Ако ги погледнеме минатогодишните резултати и ако го одземеме Блискиот исток, светот би бил помирен“, изјавил Килелеа за Reuters.

Повеќе од 100000 лица биле убиени во конфликтот во 2014, за споредба од околу 20000 во 2008 година. Сирија, каде речиси 67000 луѓе биле убиени во 2014, има најголем удел во порастот, според индексот.

Обединетите нации велат дека бројот на раселени луѓе веројатно надминал рекордни 60 милиони во изминатата година.

Индексот покажува и дека повеќето напади кои се класифицирани како терористички се концентрирани во пет држави – Сирија, Ирак, Нигерија, Авганистан и Пакистан.

Економската штета на насилството во изминатата деценија е 137 трилиони долари – што е повеќе од глобалниот ГДП во 2015 година, покажува индексот.

„Сепак, градењето и одржувањето на мирот и трошоците за тоа се пропорционално мали во споредба со економското влијание на насилството, што претставува само два проценти од глобалната штета во вооружените конфликти“, вели Килелеа.

Единствен голем напредок на кој покажува индексот е пад од десет проценти во глобалното трошење на војска и оружје во последните три години.

Европа е најмирен регион во светот, иако мирот е намален во последната година поради нападите во Париз и Брисел. Смртните случаи од вакви напади во Европа се двојно се зголемиле во изминатите пет години.

Исланд е најмирната земја на светот, а по неа се Данска, Австрија, Нов Зеланд и Португалија.

Најнасилна земја на светот е Сирија, а после неа се Јужен Судан, Ирак, Авганистан и Сомалија.