Global Game Jam во Битола и Скопје од 25 до 27 јануари

Годинава, шеста година по ред, во Македонија се одржува глобалниот Global Game Jam турнир. Од 25 до 27 јануари со бројни настани, свестата манифестација ќе се одбележи во Скопје и Битола. Лани, Македонија беше на 5-тото место во светот по бројот на игри создадени по глава на жител.

Организаторите очекуваат преку 350 учесници и над 5000 посетители.

На настанот ќе учествуваат девелопери, 2Д и 3Д артисти, саунд дизајнери, продуценти и гејм дизајнери, експерти за монетизација. Просечната возраст на нашите учесници е 25 години.

Разни ентузијасти се собираат на едно место и заедно креираат игри, разменуваат знаење и остваруваат контакти. Досега се создадени 142 видео игрa во прототип, од кои некои продолжија да се развиваат во комерцијални продукти.

Задолжителна е пријава на следнот ЛИНК, а цена на влезница за учесниците е 250 денари. Со неа учесниците добиваат непрекинат интернет пристап, оброци, грицки, пијалаци, простор за работа, простор за рекреација и одмор, забава и топли простории во зимските денови.

„Сите вие кои сакате да креирате игри и знаете да цртате, моделирате, компонирате, програмирате, дизајнирате, мудрувате и продуцирате, па дури и само сакате игри, Вие сте за тука! Нема потреба да имате тим. Дојдете и тука ќе соберете дружина за квестот наречен GGJM19!“, стои во најавата за настанот.

Инаку, Global Game Jam е најголемиот светски настан за креирање на игри кој се одржува еднаш годишно, истовремено на повеќе локации низ целиот свет во вид на 48 часовен маратон. Во 2018 година на Global Game Jam се сретнаа 47.000 џемери, се одржа на 803 локации во 108 земји и беа создадени точно 8.606 игри.