Global Game Jam викенд во Македонија

На покана на Global Game Jam, Inc. и International Game Developers Association, Македонската асоцијација за развивање игри “МАГДА” викендов го организираше Global Game Jam Македонија. Годинава 48-часовниот глобален маратон за креирање видео игри настанот се одржуваше на две локации во Македонија, на универзитетот ФОН во Скопје и во просториите на Техничкиот факултет во Битола.

Global Game Jam викенд во Македонија

Победата во земјава ја понесе играта  „Inspired“ која ја направија тројцата програмери Илија Ванков, Марио Ампов и Ирена Љубиќ, во соработка со дизајнерот Владимир Василевски.

Настанот започна во петок на пладне, на 24 јануари, а беше затворен во 17 часот во недела, на 26 јануари при што учесниците имаа паузи за оброк и одмор.

Global Game Jam е најголемиот глобален настан за развивање на игри. Се одржува еднаш годишно, истовремено на голем број локации, во вид на 48-часовен маратон. Како дел од International Game Developers Association (IGDA) неговата цел е да ги обедини сите кои креираат или имаат желба да креираат игри и да поттикне креативност, соработка и експериментирање. Global Game Jam за првпат е одржан во 2009 година, инспириран од Nordic Game Jam, со желба да се создаде светски настан. Во 2012 година настанот се одржа на 242 локации во 47 земји, 10684 учесници и беа создадени 2209 игри. Со тоа се постави нов Гинисов рекорд за најголем Game Jam во светот.

Со организирање на Global Game Jam Македонија, МАГДА сака да започне серија на настани и активности кои ќе овозможат Република Македонија да прерасне во регионален центар за развивање на игри.