„Гледај филмови, учи и создавај“ – Кинотека со интерактивна филмска училница за младите

Кинотека на Северна Македонија започнува „Филмска улилница“, проект за креативна едукација од областа на филмот и аудио-визуелното наследство наменет за ученици од средните училишта. 

Проектот, кој започнува на 10 октомври, и ќе трае 10 недели, е замислен како интерактивна филмска училница, каде младата популација ќе може да се запознае со нематеријаното богатство, пред сè, аудио-визуелното, и ќе добие филмска едукација од областа на историјата на филмот, запознавање со филмскиот јазик и аудио-вузуелното изразување и можност за креирање на авторски филмски етиди, инспирирани од богатата ризница на македонската кинематографија.

„Идејата на проектот е подигање на свеста на младите луѓе за значењето, вредноста и влијанието на националното аудио-визуелно наследство, поттикнување на истражувачко љубопитство, запознавање со вештини за истражувачка работа, со идеја за нивно вклучување во откривање на нови аудио-визуелни материјали од локални и приватни архиви, како и развивање на имагинацијата за создавање на лични аудио-визуелни приказни, инспирирани од историјата на македонската кинематографија. Целта на проектот е, преку интерактивното-креативно учење, учесниците да добијат основи на филмско познавање, да научат како да гледаат филм,  како да размислуваат за едно филмско дело и да стекнат примарни вештини за креирање на филмски приказни како начин на лично изразување на својот поглед и став кон животот, како и за изработка на сопствени аудио-визуелни етиди кои би им помогнале во текот на нивното школување“, велат од Кинотеката.

Организаторите најавуваат дека во реализација на наставата на  филмската училница ќе се ангажираат професори од високо образовни филмски школи и професионалци од различни филмски професии (филмолози, историчари на филм, сценаристи, режисери, кинематографери, монтажери, сниматели и дизајнер на звук, аниматори, костимографи, сценографи…). Тие ќе ги запознаваат учениците со филмската уметност и култура, основите на историјата и развојот на филмот, базичните сегменти на  филмскиот јазик, и со начинот на создавање на едно филмско дело.

Проектот е финансиран од Министерство за култура на Република Северна Македонија.