Гласови & Зборови – мултимедијален изложбен проект во МКЦ

Во понеделник, 15 јули, во Галеријата на МКЦ ќе се отвори изложбениот проект „Гласови & Зборови“ на Ката Мијатовиќ и Зоран Павелиќ.

Отворањето е во 20 часот, а станува збор за повеќегодишниот изложбен проект кој се базира на структурирање изложби од проектите на мултимедијалните дела на двајцата уметници, во кои е важен содржинскиот елемент на употребата на текстот, звукот и гласот.

„Овие елементи во делата функционираат како директни медијатори на значењето и (или) како уметнички изјави, кои доаѓаат од различни уметнички позиции и во меѓусебна интеракција и сооднос креираат нови исчитувања. Индивидуалните уметнички интереси и индивидуалните патишта на медиумското истражување на Ката Мијатовиќ и Зоран Павелиќ, во овој заеднички проект се сретнуваат низ синергија на избраните дела со различна тематика, различен уметнички пристап и со една заедничка карактеристика – нагласена употреба на гласот/звукот/текстот како основен белег“, најавуваат организаторите.

Изложбениот проект Гласови & Зборови е започнат во 2013, а досега е реализиран на следните локации: I.A.M. Institute, Берлин, 2013; Галерија Флора, Дубровник, 2013; Галерија Ружиќ, Славонски брод, 2014; Art Quartier, Будимпешта, 2015; Michaela Stock Gallery, Виена, 2017; Градска галерија Лабин, Лабин, 2018.

Ката Мијатовиќ во својата уметничка работа се занимава со преиспитувањето на сложените односи на свесното и несвесното. Посебен сегмент во рамките на тие истражувања сочинуваат делата/проектите со сонот како основна конструктивна и мотивирачка содржина. Занимавајќи се со феноменот на сонот овие дела ја проблематизираат перцепцијата на стварноста во односите свесно-несвесно.

Основниот белег на уметничкото творење на Зоран Павелиќ е проблематизирањето на улогата на уметникот, уметноста и уметничките институции во општествено-политички контекст на времето и просторот, комуникацијата со уметничките и културните слоеви на наследството, тенденцијата на концептуалното обединување на посебни сегменти на сопственото уметничко дело, како и влијанието на различни геополитички и медиумски фактори на позицијата на уметникот и уметноста во општеството. Живее и работи во Загреб како слободен уметник.

Ката Мијатовиќ, визуелна уметница, родена 1956 во Брањина, Р. Хрватска. Од 1988 до 1991 е член на уметничката група Мочвара/Барања. Од 1991 до 1993 студира сликарство на Accademia di belle arti Firenze, 1993 ги продолжува студиите по сликарство на АЛУ Загреб, каде што дипломира во 1997. Од 2005 до 2010 е член на Уметничкиот одбор на Барањската уметничка колонија, БУК. Од 2005 ја води галеријата AŽ Atelieri Žitnjak, Загреб. Од 2007 е член на Уметничката група ПЛЕХ. Во 2013 учествува на 55 Венециско биенале, како претставничка на Хрватска со проектот „Меѓу небото и земјата“ /кустос Бранко Франчески/. Живее и работи во Загреб како слободен уметник.

Зоран Павелиќ, визуелен уметник, роден 1961 во Осјек, Р. Хрватска. Од 1988 до 1991 е основач на неформалната уметничка група Мочвара-Барања. Во 1998 дипломира сликарство на АЛУ Загреб, во класата на Ѓуро Седер. Изложува од 1984. Член е на Уметничкиот одбор на БУК од 2005 до 2010. Член е на советот на Галеријата на проширени медиуми ПМ, од 2000 до 2007. Ја води и е член на галеријата ПЛЕХ од 2007.
Минатогодишен добитник е на натпреварот за уметничката меморијална интервенција „Исончани места“, Меморијален парк, Виртуелен музеј Дотршчина, Загреб. Живее и работи во Загреб како слободен уметник.