„Гласот на Сахарави“ – изложба на фотографии од бегалски кампови

Вечерва во кафето Concept37, во 20 часот, ќе се одржи изложба на фотографии насловена „Гласот на Сахарави“. Изложбата на младата Бојана Божиновска го претставува животот на сахарците во бегалските кампови во Алжир и ослободената територија на Западна Сахара. Преку фотографиите, авторката сеобидува да го доближи до македонската публика гласот на номадскиот народ и да го пренесе нивнито глас и вредности.

„Живееме во време кое нѐ соочува со предизвици за кои често мислиме дека се вон нашите можности да изнајдеме решение за истите, особено кога станува забор за бегалската криза чии реплики како шема се повторуваат во текот на целата историја, насекаде низ светот, и за жал сѐ уште продолжуваат со засилено темпо. Не станува збор за феномен, станува збор за човечки судбини, станува збор за реалност која во никој случај не смееме да ја игнорираме, станува збор за нашите сопствени предрасуди кои нѐ гушат, не дозволувајќи да ја разбереме вистината зад сето она што ни е непознато и ни влева страв“, пишува Божиновска во Фејсбук најавата за настанот.

Преку проект реализиран од страна на Универзитетот од Џирона во Шпанија, заедно со десет колеги, Божиновска заминала на истражување во бегалските кампови на Сахарави во Алжир и ослободената територија на Западна Сахара. Овој номадски народ веќе 40 години живее во тешки услови, зависејќи единствено од хуманитарна помош и сѐ уште чекајќи разрешување на нивната криза преку референдум за самоопределување и враќање на територијата на Западна Сахара која во моментов е под контрола на Мароко.