Гласот на младите за Европа: Помалку ветувања, повеќе дела

Недостиг од младински центри, нефункционални стратегии и празни закони. Вака изгледа реалноста со која се соочуваат младите во земјава според учесниците на дебатата „Гласот на младите за Европа“, организирана по повод 9 Мај – Денот на Европа. Наместо декларативна поддршка, тие бараат вистинско партнерство во креирање политики и во изградба на поправедно општество, пренесува новинската агенција Мета.

Во рамки на настанот што го организираа Фондацијата Конрад Аденауер, Европското движење во Република Северна Македонија и Вилфрид Мартенс Центарот за Европски студии, се одржа младинска дебата на тема „Гласот на младите за Европа – Идеи за подобар живот и поправедно општество“.

На дебатата се обратија Филип Ивковски, претседател на Националниот младински совет на Македонија, и Драгана Бојковска, пратеничка и координаторка на Клубот за младински прашања и политики.

Филип Ивковски укажа дека скептицизмот кај младите не е причина за проблемите, туку последица на тоа што се случува во општеството.

„Младите се скептични затоа што гледаат дека законот за млади не се имплементира, стратегијата останува само на хартија, ја гледаме ситуацијата во образованието. Македонија, и да не е членка на Европската унија, треба да ги негува истите вредности. Овие 20 години навистина требаше да се работи. Немаме младински службеници, немаме доволно ресурси за младински центри. До сега во секоја општина требаше да има младински центар, а денеска од 80 имаме едвај 12“, рече Ивковски.

Тој додаде дека гласот на младите мора да биде одлучувачки, особено кога се креираат младински политики. Како позитивни примери ги наведе Клубот за младински прашања и политики, Советот за млади на Претседателката и службениците за млади, но нагласи дека овие се само формални чекори.

„Ние сме динамична категорија. Потребите на студентите се различни од оние на средношколците, а постојат и географски разлики. Постарите често велат дека младите се апатични и незаинтересирани, ајде да се запрашаме зошто е тоа така? Да видиме како во партнерство, а не со конфликт, да изградиме решенија што ќе бидат од корист и за младите и за целото општество“, рече Ивковски.

Пратеничката Драгана Бојковска во своето обраќање истакна дека европската интеграција значи носење на Европа дома, а младинското учество е клучно во носењето одлуки.

„Здраво е за едно општество младината да биде будна, да има младина која нема да рече ‘ова ни е доволно’. Во нашата природа е секогаш да бараме повеќе и подобро. Иако доаѓам од владејачкото мнозинство, секогаш сум на страната дека треба да се стремиме работите да бидат што подобри“, рече Бојковска

Таа ја пофали новата стратегија за млади, но нагласи дека нејзината имплементација мора да биде предмет на активно следење.

„Со следење на имплементацијата и одреден надзор од вас младите и од нас како институции, мислам дека можеме да направиме разлика“, рече Бојковска

Таа исто така го поздрави и усвојувањето на Оперативниот план за вработување на младите, претставен од премиерот Христијан Мицкоски.

На крајот од дебатата, ги повика младите учесници да станат партнери на Клубот за младински прашања и политики и да иницираат средба, со цел нивниот глас да допре до Собранието и до сите политички партии.

Мета.мк