Гласот на малцинствата недоволно застапен во новите медиуми

 

Гласот на малцинствата e недоволно застапен во новите медиуми, најчесто се користат „готови вести“ како соопштенија од државните органи или агенциите, а текстовите, аудио или видео прилозите претежно се во форма на вести или извештаи, додека ретко се користат репортажи, интервјуа и други жанрови. Ова се резултатите од регионалното истражување спроведено во рамки на двегодишниот проект „Младите ја предизвикуваат разноликоста – претставување на малцинствата во новите медиуми“, координиран од Асоцијацијата за едукација МладиИнфо Интернационал.

Истражувањето покажало иако имаат можности, новите медиуми често ги обработуваат содржините како мејнстрим медиумите и не користат доволно линкови, мултимедиски содржини, а недостасуваат и коментари од читателите. Најчест застапен вид на малцинство во медиумското известување се бегалците и мигрантите, додека известувањето за различни типови малцинства е генерално политички коректно со поединечни примери за дискриминација и говор на омраза, кон Ромите и кон бегалците, стои во заклучоците од регионалното истражување.

Резултати беа презентирани на младинскиот форум „Претставување на малцинствата во новите медиуми во Централна и Источна Европа“, а се добиени при анализата на содржини на 15 нови медиуми од Бугарија, Хрватска, Грција и Македонија, во периодот јуни и јули 2015 г.

„Од една страна, гласот на малцинските групи како извор на информации е недоволно застапен, а од друга страна, самите малцински групи се главно дефинирани од  политичките претставници на мнозинството,“ истакна на форумот Марко Трошановски, главен истражувач во проектот.

Дводневниот младински форум, кој денеска беше отворен во хотелот Континентал во Скопје, освен презентација на истражувањето за новите медиуми вклучува и четири дискусии. За утре се најавени три интернационални младински панели на кои учесниците ќе презентираат и дискутираат за позитивните и негативните примери при портретирањето на малцинствата во новите медиуми, околу тоа колку граѓанското општество може да влијае врз подобрувањето на општествената вклученост на малцинствата, како и за начинот на кој младите имаат можност да бидат амбасадори на толеранцијата.

Форумот „Претставување на малцинствата во новите медиуми во Централна и Источна Европа“ е четвртиот и финален форум во рамки на проектот „Младите ја предизвикуваат разноликоста – претставување на малцинствата во новите медиумите“. На вториот ден на форумот ќе бидат презентирани и десет препораки за тоа како да се подобри известувањето за малцинствата и како да се промовира разноликост преку новите медиуми.