,,Гласен текстилец” нуди правни совети за работничките кои се родово дискриминирани на работното место

Текстилните работнички и понатаму се соочуваат со многу проблеми коишто произлегуваат од родово базираната дискриминација на работното место, велат од здружението ,,Гласен текстилец”.

До нив најчесто пристигнувале претставки за прекршување на човековите и работничките права на жените oд текстилните фабрики, кои како што велат од здружението, се околу 80 проценти од вработените во текстилната индустрија во источниот регион.

,,Во склоп на тоа, детектиран е проблем кој е недоволно разговаран со нив, тие го сметаат за нормална појава, а тоа е кога жените одат на интервју за работа им се поставуваат прашања дали се мажени или не, потоа дали планираат во скоро време да бидат бремени, колку деца имаат и на која возраст се нивните деца.

Понатаму, како проблем е евидентиран и отказот на бремените жени, за кој како организација сметаме дека е прекршување на закон и претставува родова дискриминација”, велат од здружението.

За да го спречат ова, тие започнуваат да нудат правни совети, секој работен ден од 15:00 часот до 16:00 часот во просториите на Гласен Текстилец и оnline преку нивните социјални медиуми и телефонскиот број 078 312 365.

,,Главната цел на проектот е да го зголемиме и подобриме знаењето за значењето на родово базираната дискриминација кај текстилните работнички и локалните механизми во Општина Штип, со тоа би довеле до: подобрено опкружување за поднесување на пријави до надлежните институции од страна на текстилните работнички, работничките да се едуцирани и свесни за правните нормативи за заштита од дискриминација, како и ќе ги зајакнеме капацитетите на Гласен Текстилец за работата и заштитата од родово базираната дискриминација”, сметаат од здружението.

Покрај ова, проектот ќе опфати и едукации и состаноци со текстилни работнички и локалните механизми за родова еднаквост и заштита од дискриминација во Општина Штип.