Ѓорѓи Ризески, режисер: „Свадба“ е голем драмски текст и претстава за сите генерации

Минатиот викенд, во продукција на „Театар Фабрика“, премиерно беше прикажана претставата „Свадба“ на Антон П. Чехов. Сурово реалистична, саркастична и уребесно смешна – а и вистинска свадба – оваа претстава е шоу што не се пропушта. Освен што присутните ги насмеа до солзи, тие имаа можност да „мезат“ и да се фотографираат со младоженците, но и да „ѕирнат“ во малограѓанскиот и снобовски свет на семејството Жигалови и нивните новопечени сватови. Теоман Максут, Ѓорге Попов, Миа Кантарџиева, Емине Халил, Бобан Алексоски, Ангела Димитрова и Горан Ников одлично ја отелотворија претставата во режија на младиот режисер Ѓорѓи Ризески. Во интервју за Радио МОФ тој ги споделува своите впечатоци за претставата, идните проекти и целите на „Театар Фабрика“.

Изминатиот викенд можевме да ја видиме „Свадба“ од Чехов во ваша режија, во продукција на „Театар Фабрика“. Но, иако сте млад, „тазе“ дипломиран режисер, ова не е ваш прв проект отворен за пошироката јавност. На што работевте претходно?

Претходно имам работено три проекти: Молиер – „Жорж Данден“, Тенеси Вилијамс – „Совршена анализа на еден папагал“ и Жан Ануј – „Женски Оркестар“. Љубовта кон театарот секогаш е голема и мојата желба направи да можам да ги сработам тие претстави на млади години.

„Театар Фабрика е независен театар формиран од група млади автори здружени од поривот да се креира, работи и живее вистински театар“ – велат основачите „Фабрика“. Со оглед на тоа што претставува своевиден експеримент и во обид да се смени унифицираноста на македонската култура, но е театар кој има ограничени (ако не и премалку) средства, колку сте задоволни од интересот за претставите?

Добра претстава секогаш влече зад себе интерес, и на кое било место на земјава да се игра таа би овозможила публиката за момент да влезе во светот кој за мене е надалеку поразличен од овој во кој живееме, а тоа е светот на вистината. Средства секако дека се потребни, но може да се случи магија и со минимални средства. Сè што е потребно е еден да игра и еден да гледа. Така и нашиот театар, Театар Фабрика, се залага за вистината и за успехот кој го носат по себе добрите претстави во кои публиката секогаш задоволна го напушта гледалиштето.

522104_10205435846884274_8637088838864306123_n

„Свадба“ е еден приказ на малограѓанството и потиснувањето на емоционалните пориви од користољубието и снобизмот и преку урнебесен хумор покажува колку всушност сме мали и бедни борејќи се за внимание, углед и материјална благосостојба. Зошто ја одбравте токму оваа драма? Каде се судираат двата универзуми: Андроновлевиот ресторан некаде во Русија и нашето современо општество?

Сè уште ја чувствувам силно во воздухот миризбата денес, од некогашните не знам зошто измислени правила и принципи, за како точно да се живее животот и како точно да се постапува во одредени ситуации. Постои и денес темата и е многу актуелна во некои одредени места повеќе, во некои помалку, но сепак „Свадба“ е еден голем драмски текст токму поради темата која ја носи низ многуте генерации.

Претставата беше вистинска свадба, и морам да признаам дека поинаквиот пристап и речиси комплетната интеракција на „гостите на свадбата“ (публиката) беше дел од повеќето „синџири од алката“ кои ми ја направија вашата претстава една од најзабавните кои сум имала шанса да ги погледнам. Но, колку сте вие задоволни од реакцијата на публиката после првите две прикажувања?

Задоволен сум бидејќи јасно согледав кај секој еден од публиката дека ништо од тоа што се случи на оваа „Свадба“ со сигурност не би сакале да се случи на нивната и во ниту една ситуација во иднина не би постапиле како што нашите „херои“ постапија на изведбата. Сакам динамични претстави. Секогаш внимавам на тоа и моето внимание е насочено во огромен процент додека режирам кон окото и расположението на публиката во секој еден дел од претставата.

10384685_10205435845884249_6860124699007095052_n

Неверојатната енергија на одличната актерска екипа дава впечаток дека додека сте ја подготвувале претставата вистински сте се забавувале – од свадбената фотосесија па сé до марширањето на „генералот“ Горан Ников. Колку актерите сугерираа детали, и дали има нивни белези и импровизации кои не ги пишува во скриптата?

Секој актер во себе носи свој далеку поразличен свет од сите други. Имав можност да работам со млади, интелегентни и креативни актери на кои од почетокот им дадов до знаење дека ова е еден тим во кој секој од нас се грижи за сите други, и сите во нашиот тим ја чувствуваа претставата како нивна заедно со сета слобода и одговорност која ја носи истата. Убеден сум дека актерите сакаат да ја играат оваа претстава, а и самиот јас – како на нив така и на сите други актери со кои сум работел во моите претстави – им велам пред секоја изведба да уживаат и едноставно, да си играат.

Сметате ли дека на македонскиот театар, и општо на културата и уметноста во нашата земја им е потребна реформа? Што би промениле, од каде би почнале?

Би започнал од себе и би пробал да се излажам дека сè што има почеток нема и крај. Ако успеам да го направам тоа ќе можам да одговорам и на прашањето за културата, уметноста и театарот во нашата држава знаејќи тогаш дека нема сè за многу кратко време да се заборави.

На што ќе работите во иднина, кога може да очекуваме нова премиера?

Би сакал да ги дознаам сите вистини кои ни ги откриваат бројните драмски писатели. Би сакал да ги поставам на сцената и се надевам дека во мојот живот ќе имам време откривајќи ги нивните пораки пред публиката да откријам и повеќе за животот. Очекувам да имам нова премиера два месеци од кога ќе заврши претходната. Се гледаме на почетокот на февруари.

Стефанија Тенекеџиева