Ѓорѓе Јовановиќ, автор на „Хашиш“: Просторот за комбинации во стрипот е неограничен

„Беше голем предизвик фактот дека текстот нема класична наративна линија туку претставува збир на фрагменти-записи или пак дневник што тој (Анри Мишо) го водел додека експериментирал со хашишот. Таквата фрагментирана структура ми даде огромен простор за маневрирање’. Самиот процес на изработка на книгата траеше околу 9 месеци. Процес исполнет со огромно задоволство на работа, истражување и промислување. Стрипот како медиум е неверојатно податлив за експеримент, а просторот за комбинации е неограничен“, вели уметникот Ѓорѓе Јовановиќ, кој деновиве ја промовира „Хашиш“.

„Хашиш“ е графичка новела, работена според четвртото поглавје „Chanvre indien“ од книгата „Miserable miracle“ од Анри Мишо. Хашиш е во издание на „Темплум“.

Јовановиќ во разговор за Радио МОФ вели дека веќе подолго време имал желба да работи на стрип или графичка новела. Како и многу други, и тој израснал читајќи стрипови.

„’Микиев алманах’, стриповите во ‘Политикин Забавник’, ‘Алан Форд’ беа само дел од моите омилени стрипови од детството чии страници ги ‘голтав’ со денови. Мојот прв стрип го направив во осмо одделение, подоцна на неколку наврати објавував кратки стрипови од една до две табли во ‘Студентски збор’. Подоцна за време на студиите изработив еден подолг стрип, но никогаш не го издадов“, раскажува Јовановиќ.

Низ годините активно работејќи во областа на ликовната и визуелната уметност, неговиот интерес за стриповите и понатаму останал ист. Интензивно следел што се случуваше и издаваше, особено на алтернативниот стрип сцена. „Персеполис“ и останатите стрипови на иранската авторка Мерџан Сатрапи, „Палестина“ на американецот Џо Сако, книгите на Чарлс Бурнс, Арт Спигелман, Дениел Клоус и многу други.

Наведува дека минатата година, Никола Гелески, сопственикот на издавачката куќа „Темплум“ започна нова едиција „Лифт“ (едиција за графички новели и експериментален цртеж), која е надоврзување на она што беше дел од неговите интреси како издавач и автор децении наназад.

„Списанието за алтернативен стрип ‘Лифт’ кое излегуваше од 1995 до 2001 година, но исто така и стриповите издавани во култното списание ‘Маргина’. На негова иницијатива започнавме да размислуваме за тоа што би можело да биде  добра текстуалната подлошка за графичка новела. Тогаш тој го предложи Анри Мишо“, вели Јовановиќ.

Нагласува, Мишо е еден од најуникатните творци на 20-от век кој покрај пишувањето поезија, проза и  патеписи долги години се занимавал со сликарство. Тој му пристапил на сликарството, верувајќи дека би можел подобро да го изрази она што не можел да го опише само со зборови.

„Многу од неговите книги се сочинети истовремено и од слики и  од текстови кои се надополнуваат едни со други – калиграфските симболи ги изразуваат емоциите на уметникот-зборовите придонесуваат за моќта на сликата како што и  сликите придонесуваат во моќта на зборовите. И во неговите литературни и уметнички дела, Мишо се занимава со ‘внатрешниот свет’ на човечките соништа и кошмари. Во еден период од неговото творештво, тој користел дроги, особено мескалин, за да достигне состојба на поголема чувствителност што би влијаела врз неговата уметност“, објаснува Јовановиќ.

Според уметникот, тешко да се дефинира стилот на пишување на Мишо: креативно близок на кругот  на надреалистите, но за разлика од нивните прекрасни фантазии, тој ги нуди  кошмарите на човештвото.

„Мишо им припаѓа на групата на уметници кои ги уриваат  конвенциите во литература – метафората и декорациите се ретки. Свет полн со страв, вознемиреност и отуѓување. Тој создава надреални слики кои произлегуваат од неверојатни моќта на имагинацијата, често исполнети со многу апсурден хумор“, дополнува Јовановиќ.

Оттаму неговите текстови, а посебно делот „Индиски коноп“ од книгата „Miserable miracle“, вели тој, изобилува со ситуации кои претставуваат огромен предизвик да бидат преточени  во слики или пак графичка новела.

„Битно за мене беше тоа да не биде ‘сува’ илустрација на текстот туку поттик да го пресоздадам со една моја визура“, вели Јовановиќ.

Во однос на стрипот, смета дека кај нас треба многу повеќе да се фокусираме кон оваа издавачка област, бидејќи, вели тој, стрипот и во светот станува сериозен сегмент од издаваштвото денес.

Страна 42 – 43

„Тоа го покажува и фактот дека ‘Сабрина’ на брилијантниот 29-годишен автор Ник Дрнасо, е првата графичка новела што е номинирана за престижната награда Букер. Стрип заедницата кај нас иако не толку голема е витална, тоа го покажува и специјализиранат стрип продавница ‘Бункер’ во Скопје која на својата редовна публика се обидува да им ги понуди актуелните наслови кои се издаваат во нашето соседство, Европа и Америка“, нагласува Јовановиќ.

Графичката новела „Хашиш“ ќе биде промовирана на настан со изложба во галеријата на МКЦ на 12 октомври од 20 часот.


Инаку, уметникот Ѓорѓе Јовановиќ дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (2003). Има реализирано повеќе проекти во чиј фокус се  прашањата за интеграцијата и дезинтеграцијата на современиот човек, но и повеќе самостојни изложби, перформанси и инсталации  во државата и странство. Меѓу другите, добитник е наградите: Денес за млад уметник за 2009, наградата за видео на меѓународниот фестивал Алтернативен филм / Видео во Белград во истата година, потоа Акто фестивал, Битола, 2012 и Најдобар млад уметник на 10 Биенале на млади уметници, Музејот на современата уметност за 2013 година.

Бојан Шашевски