Ѓорче Ставрески, режисерот на „Исцелител“, гостин на ENGAGE 2018

Ѓорче Ставрески, македонскиот режисер и сценарист познат по филмот „Исцелител“,  ќе биде говорник на седмото издание на ENGAGE конференцијата на друштвен активизам што ќе се одржи на 12-ти мај, во Музејот на современа уметност во Скопје.

Неговиот филм „Исцелител“, иако дебитантски, беше одлично прифатен – и критички, и од публиката, а неговите награди сè уште се редат.

Филмот ја дочека својата премиера минатиот ноември, а веќе доби голем број награди. Фестивалите од кои Ставрески се врати со награда се: LET’S CEE во Виена, каде неодамна доби награда за најдобар дебитантски филм на фестивалот, Солунскиот филмски фестивал, каде што му беше светската премиера, „Синемамед“ од Брисел, Санта Барбара во САД, Софискиот филмски фестивал, Франкофилм во Рим, Бергамо филм митинг во Италија и Обањ филм фест во Франција.

Филмот раскажува за Веле, кој работи во железничко депо, и неговиот татко кој е болен од рак. Немајќи средства за лекување на својот татко, тој прави колач со украдена марихуана за да му ги ублажи неподносливите болки. Одеднаш е притиснат од криминалците кои си ја бараат дрогата назад и соседите душкала кои сакаат рецепт за „магичниот“ колач, а во Веле гледаат нова надеж – исцелител.

На овогодинешната конференција организирана од Радио МОФ и Младинскиот образовен форум, ќе учествуваат осуммина говорници, а ќе има и два перформанси. Регистрацијата е достапна на овој ЛИНК, а можност за учество ќе имаат првите 200 пријавени учесници за конференцијата. Повеќе информации за сите говорници и настапи може да се најдат на engage.mk.

ENGAGE – Конференција за друштвен активизам е организирана со поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија.