Гитаристот на „Квин“ сака уште еден „Лајв Еид“, но овој пат посветен на климатските промени

Гитаристот на „Квин“ Брајан Меј предложи да се одржи уште еден голем концерт како „Лајв Еид“ во 1985 година, но овој пат за борба против климатските промени.

Класичниот рок-бенд беше важен дел од епскиот концерт во кој учествуваа и „Ју ту“, Фил Колинс, Мадона, Елтон Џон, Дејвид Боуви, Мик Џегер и многу други.

Настанот беше дел од глобална кампања за собирање средства со цел да се помогне на населението во Етиопија каде во тој период преовладуваше глад. Паралелно се одржуваа музички настани на Вембли стадионот во Лондон и Џон Ф. Кенеди стадионот во Филаделфија.

„Веројатно помладата генерација треба да го фати тој бик за роговите”, изјави Мај. „Ние би помогнале на кој било можен начин, но мислам дека тоа е она што е потребно”.

Меј вели дека постои презаситеност од концерти и музички фестивали, така што можеби нема да е толку лесно како порано.

Спектаклот од 1985 година беше следен во повеќе од 150 земји и собра околу 245 милиони долари. Иако тоа не беше првиот концерт, за собирање средства, тоа беше првиот од таква големина и влијание.

Улогата на „Квин“ на „Лајв Еид“ неодамна беше истакната во филмот „Боемска рапсодија”, добитник на Оскар, кој се основа на животот на нејзиниот водечки пејач Фреди Меркјури.