Еден од најдобрите млади македонски гитаристи, тетовецот Дамир Пух во недела (20 септември) ќе го отвори меѓународниот Скопски блуз и соул фестивал кој во организација на Дирекцијата за култура и уметност ќе се одржува во Сити хол.
Според селекторот на Фестивалот, Васја Ивановски, Дамир Пух е извонреден музичар, кој ќе направи одлична кариера и неговиот настап не смее да се пропушти. Истата вечер на Фестивалот ќе настапи и гркот Сакис Доволис.
На 21 септември, на втората фестивалска вечер ќе настапи блуз вокалистката Лајла Зое Бенд од Канада, која, како што посочува Ивановски, ја споредуваат со Џенис Џоплин.
Дамир Пух е гитарит кој постигнува големи успеси, главно надвор од границите на Македонија. Во недела тој ќе настапи со бендот наречен „Damir Puh Blues Project“.
Блуз и соул фестивалот идната година ќе одбележи 20-годишен јубилеј, а на него низ годините настапија низа познати музичари од регионот и од светот.