„Ги украдовте изборите“ – Младите во Србија протестираат против Вучиќ

Неколку илјади граѓани, главно млади, незадоволни од изборните резултати, на кои во првиот круг победи Александар Вучиќ, протестираа синоќа во повеќе градови во Србија.

Собирот кој беше организиран преку социјалните мрежи, наречен „Протест против диктатурата“,во Белград почна пред Парламентот на Србија. Колоната главно млади луѓе и студенти извикуваа: „ги украдовте изборите“, „оставки“, „крадци“ и „излегувајте надвор“, додека српските медиуми јавуваат и дека кон зградата биле фрлани јајца, меѓутоа не дошло до поголеми инциденти.

Протестниот марш продолжил до зградата на Владата, пред седиштето на весникот „Политика“, како и до Републичката изборна комисија (РИК). Пораките кои ги испратиле присутните се дека ништо не е завршено и дека постои шанса за втор круг се додека не се прогласат официјалните резултати од изборите.

„Ова не е еден протест и нема ништо да решиме на еден протест. Поентата да се продолжи и понатаму додека не ставиме крај на она што не мачи сите нас, мрачната иднина. Дојдете и поддржете го вашето мислење. Време е да го искористиме интернетот за она што не можеме никако поинаку во оваа држава – организација на слободен глас и реално чувство дека можеме нешто да промениме“, пишува на Фејсбук страницата на иницијативата во која се додава дека протестите нема да имаат водачи: „Ако озвучување дојде, супер, ако не – зошто ни е?“, дополнуваат од иницијативата.

Помали протести се одржаа во Нови Сад и Ниш, додека за вечерва протести најавија и граѓани на повеќе други градови во Србија.

Според последните податоци кои ги објави РИК, по обработени 92 проценти од избирачките места, Александар Вучиќ освоил 55,1 процент од гласовите.