Ги снемува дрвјата во центарот на Скопје

Во периодот од 2002 година до денес градското зеленило во строгиот центар на Скопје т.н. Мал ринг алармантно е намалено како резултат на градењето на зелените површини, беше речено на синоќешната презентацијата на студијата „Состојби и тенденции за намалување на градското зеленило во Мал ринг во Скопје 2002-2017“, објави А1он.

дрвјаСтудијата која ја изработија Ирина Грчева, Леонора Грчева, Лука Јовичиќ и Ивана Драгшиќ во периодот ноември 2012 – септември 2013 и во рамки на проектот на Плоштад слобода „Сосед чувар“, беше презентирана вечерва во Мобилна галерија.

Според ова истражување во 2012 година во Мал ринг има 50 отсто помалку зеленило отколку во 2002 година, односно 75 649 метри квадратни наспрема 34 994 метри квадратни во 2013 година. Ако и во иднина се продолжи со темпото на градење врз зелените површини – до 2017 година во центарот на Скопје ќе има само 18 680 метри квадратни зеленило.

„Истражувањето, гис анализите и реализацијата на студијата се случуваа во текот на 2012-2013 година, за време на проектот Сосед чувар на Плоштад Слобода. Во овој процес ја прегледавме состојбата со јавно зеленило на терен, нејзиното обележување во релевантните документи (ДУП-ови), односот на институциите кон урбаната животна средина и можните начини да се поправи сето тоа. Поради тоа што бевме мал тим, а и поради градежниот замав со кој се уништи голем дел од зеленилото во Центар, решивме да се фокусираме на оваа општина, односно на ДУП Мал ринг“, вели Ивана Драгшиќ.

За оваа студија биле користени постоечките документи, деталните урбанистички планови на Мал ринг од 1997 година до 2012 година, Google earth снимките од пред 10 години и од денес, а истражувачите изработиле нови мапи на зеленилото во Скопје.

„Последен пат мерење на зелените површини било направено во деталниот урбанистички план во 1997 година, тогаш последен пат биле евидентирани дрвјата и биле изработени пресметки на планирани дрвја. ДУП-овите од 2007 до 2012 се нечитливи за граѓаните, а дрвјата се сосема ноншалантно обележени. Постои системска грешка што допринесува да исчезнуваат дрвјата од Скопје“, рече Леонора Грчева, една од авторките на студијата.

Лука Јовичиќ говореше за ГИС методите на анализа на прашањето на зелените површини, според кои потребни се интердисциплинарни и квалитативни податоци и потребата од комбинирање на податоци од разни институции за да се донесаа вистински корисни и валидни одлуки за зелените површини и дрвјата во градовите. Тој предложи Зелен катастар, кој веќе постои во Загреб или Осиек. Во рамките на ова истражување бил спроведен и првиот попис на дрвја во центарот на градот.

Извор: А1он