„Ги откриваме нашите валкани тајни“, крос-платформска изложба во Котур

Од 28 до 30 декември, во Кафе и Кино Котур во Скопје ќе се одржува крос-платформската изложба насловена „Валкана тајна“, преку која иницијаторите ќе повикаат на јавна и корпоративна поддршка за нов тип мултимедиска еколошка серија против загадувањето во Македонија.

Како што најавуваат организаторите, изложбата ќе биде прв чекор за обезбедување поддршка за производство и емитување на нов тип на крос-платформски формат во Македонија: редовна ТВ и онлајн еколошка серија базирана на информации од професионални медиумски работници, стручни аналитичари и кориснички содржини од граѓани низ цела Македонија.

Концептот на оваа изложба ќе биде претставен од иницијаторот на проектот, Џорџ Стамкоски, продуцент и режисер од новата македонска крос-платформска медиумска компанија Volatile 360 Dooel, како и Жарко Настоски од истражната новинарска група Кадар.

Планираната серија ќе биде платформа за граѓани, бизнис лидери и експерти од владините и невладините организации да развиваат, предлагаат и имплементираат иновативни решенија за опоравување и спречување на загадување на воздухот, водата и почвата низ целата земја.

„Серијата ќе има за цел да се спротивстави на индивидуалната апатија и групниот песимизам зад погрешното убедување дека загадувањето е премногу голем проблем за кој било човек самостојно да го реши, и дека не вреди да се обидуваме да промениме нешто. Со прилагодување на нашите секојдневни навики како поединци, креирање еколошки здрави модели за општествено одговорни индустрии, и ригорозно спроведување на политички цели како дел од интерактивен дијалог со граѓаните, серијата ќе го промовира оптимизмот и ќе даде насоки за тоа што сите можеме да направиме во борбата против загадувањето“, информираат организаторите.

Тие додаваат и дека нивната долгорочна цел е да се користи форматот на „Валкана тајна“ како протитип и да се работи со регионални партнери за да се создадат слични серии во соседните земји под слоганот “Загадувањето не признава граници!”.

На отворањето ќе бидат лансирани 3 веб-сајтови кои се иницирани од Volatile 360 како алатки за групи и поединци кои ја водат борбата против загадувањето и делуваат во сферата на социјални медиуми, додека на изложбата ќе бидат вклучени и фотографски прилози од две групи.

На настанот ќе бидат прикажани неколку кратки видеа кои опфаќаат еколошки теми во Македонија, а на отварањето, Ксенија Путилин, специјалист за комуникации и развој на заедницата во Македонското еколошко друштво, ќе објави нови иницијативи за граѓанско учество во урбаната екологија.

Отворањето на изложбата е во петок во 17 часот, а организаторите порачуваат сите кои сакаат да присуствуваат на изложбата да го најават присуството преку бројот и имињата на учесниците на мејл адресата: mail@volaIle360.com