Германскиот парламент го легализираше канабисот за медицински цели

По долгогодишни реакции и дискусии, долниот дом на германскиот Парламент, Бундестагот усвои закон со кој на лекарите им се дозволува да препишуваат канабис заради лекување.

Марлин Мортлер, комесарот на германската влада за дрога, лобираше за пациентите да може да купуваат канабис од локалната аптека.

„Тоа е голем плус за пациентите кои чекаа за ова долго време“, рече Мортлер.

Донесувањето на законот го поздрави и германискиот министер за здравство, Херман Гросе.

Доктори изјавија дека канабисот може да им биде од голема корист на пациенти болни од рак кои чувствуваат гадење после хемотерапија. Исто така, лекот помага во борбата против недостаток на апетит и губење на тежина. Со канабисот дополнително можат да се ублажат симптомите на мултиплекс склероза, или да се лекува хронична болка.

Законот ќе стапи во сила во март. Со него е предвидено трошоците за канабисот да се покриваат со здравствено осигурување.

Според анкета, објавена во ноември, 2015 година, 82 отсто од Германците се „за“ легализација на канабисот за медицински цели, со некои 30 отсто од нив, кои се за целосна легализација на билката, вклучително и рекреативната употреба. Се проценува дека околу 800.000 пациенти годишно, ќе можат да добијат на рецепт медицинска марихуана како терапија, откако законот ќе стапи на сила.