Германски универзитет воведе кодекс за верско однесување

Управата на Универзитетот во Хамбург воведе „Кодекс за однесување“ со кој се дефинираат начините по кои студентите можат да ги практикуваат своите религиозни убедувања во  рамките на универзитетскиот кампус.

Кодексот треба да „уредува достоинствено и мирно коегзистирање на различните религиозни убедувања“, изјавил претседателот на Универзитетот, Дитер Лензен, презентирајќи го Кодексот составен од десет точки.

Лензен објаснил дека Кодексот е направен поради бројните кавги и поплаки на Универзитетот во врска со религиозни прашања. Некои од примерите кои се наведуваат се проповедник кој јавно повикувал на молитви низ коридорите на Универзитетот, мажи муслимани кои барале од жените да носат шамии, како и поставување на паравани за одвојување на жените и мажите во „тивката соба“ – наменета за религиозни настани, додека проблем имало и со маж кој премногу гласно се молел и го повикувал Исус Христос за помош.

Лензен изјавил дека повеќе немал време да ги решава бројните прашања поврзани со религија, за кои Универзитетот немал никакви ракми. Организирал посебна комисија, составена од десет професори од различни научни области, предводена од професорката по филозофија Бригит Рецки, кои, освен тоа што содржат правна и психолошка димензија, прецизираат и дозволени и забранети верски пракси.

Помеѓу десетте точки на Кодексот верските прослави се дозволени само во посебната „Тивка соба“, која Универзитетот ја отворил во 2006 година и дека во неа не е дозволена никаква дискриминација. Кодексот забранува неовластено користење на ресурси или простории на Универзитетот за лични верски изразувања. Ритуални активности се дозволени само доколку тоа не се наметнува на останатите, на пример, се забранува ритуалното миење на нозете во санитарните простории на Универзитетот, или гласното изговарање молитви во универзитетски простории или кампусот.

Во „Тивката соба“ се достапни и Библијата и Куранот ФОТО: ДПА/Дојче Веле

Дополнително Кодексот дозволува носење религиозни симболи (како крстови, шамии и други типови на покривање на главата, или Давидовата ѕвезда) доколку тие не ја попречуваат потребната комуникација за академска интеракција, учење или испити. Во Кодексот е посочено и дека универзитетската програма и настани нема да се организираат во согласност со религиозните потреби и дека нема да се толерира религиозно мотивиран притисок врз членови на Универзитетот. Студентите не смеат да одбијат да бидат учени или испрашувани според полот и родот – на пример, не смеат да одбијат да примат документи или сертификати од вработените заради тоа што се мажи или жени.

Како последна точка е наведено и дека кантините и кафетериите самите да одлучуваат дали ќе нудат садови за храна во склад со религиозни правила и рестрикции на исхрана.

Германските медиуми реагираа на толеранцијата за религиозната облека на жените. „Дали навистина сакате бурки на универзитетот, претседателе?“, стои во насловот на најтиражниот германски весник Билд, со реторичко прашање упатено до Лензен. Лензен, пак, за Дојче Веле изјавил дека статијата е бесмислена и дека едноставно „нема никаква основа за забрана“ на религиозни предмети или облека на Универзитетот.

Ал Џазира пишува дека Здружението на муслимански студенти изразило незадоволство од одлуката на Универзитетот, со образложение дека „Тивката соба“ не е доволно голема за практикување на верските свечености на студентите, бидејќи нивниот број во последните 15 години многукратно е зголемен.

Хамбуршкиот универзитет е првата високообразовна установа во Германија во која се воспоставуваат вакви правила.